Владата соопшти дека на 2 Август, Илинден, премиерот Димитар Ковачевски ќе се обрати на свеченост на тврдината Кале во Скопје, претседателот Стево Пендаровски ќе одржи говор пред меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце, додека на централната манифестација во Крушево ќе зборува претседателот на Собранието, Талат Џафери

Владата соопшти дека годинава празнувањето на Илинден ќе биде под слоганот „120 години Илинден – огниште на татковината“. Оттаму велат дека во чест на Денот на Републиката, делегации на Владата, Собранието и на Претседателот ќе го чествуваат празникот преку голем број свечености.
„На 1 август во 20:30 часот во Крушево, традиционално во организација на НКС ‘Десет дена Крушевска Република’ се отвора истоимената манифестација која ги претставува културата, традицијата и историјата на Крушево, пред нашите граѓани. На отворањето на НКС ‘Десет дена Крушевска Република’ ќе присуствува и ќе се обрати и претседателот на Владата, Димитар Ковачевски“,
информира Владата.
Ковачевски ќе се обрати и на свечена манифестација на тврдината Кале во Скопје на 2 Август со што ќе започне прославата на Илинден.
„Во 8:30 часот владина делегација со министерот за надворешни работи Бујар Османи, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и заменик-министерката за правда Викторија Аврамовска Мадиќ ќе положат свежо цвеќе на споменикот на АСНОМ во паркот ‘Жена Борец’ во Скопје, на споменикот на Никола Карев пред Собранието, како и на спомен-обележјето на Методија Андонов-Ченто на градскиот плоштад. Свечената манифестација во Скопје продолжува на тврдината Кале во 9:30 часот, каде по положувањето свежо цвеќе пред споменикот на слободата „Сила, слава и победа”, ќе се обрати претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски. По обраќањето на премиерот, следува културно-уметничка програма“,
стои во соопштението.
Во состав на владината делегација што ќе присуствува на чествувањето во Крушево ќе бидат министерот за земјоделство Љупчо Николовски, министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, како и министерот за образование и наука Јетон Шаќири. Владината делегација во 9:00 часот ќе положи цвеќе на вечното почивалиште на првиот претседател на Крушевската Република, Никола Карев, во споменикот „Македониум“ на Гумење и на споменикот на паднатите борци на Слива. Од 10:00 часот владината делегација ќе присуствува на панихида за загинатите Илинденци во црквата „Св. Никола“, а потоа ќе положи цвеќе на споменикот на Мечкин Камен. Манифестацијата на Мечкин Камен почнува во 11:30 часот. На неа ќе се обрати претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Претседателот Стево Пендаровски, пак, ќе биде во Пелинце каде што во 10:15 часот ќе се обрати пред меморијалниот центар АСНОМ.
„Во чест на Првото заседание на антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија – АСНОМ, пред споменикот на АСНОМ, ќе биде положено свежо цвеќе, по што претседателот Пендаровски ќе се обрати и следува организирана културно-уметничка програма. На споменикот на АСНОМ во Меморијалниот центар Пелинце, по повод националниот празник Илинден, владината делегација ја сочинуваат министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова и министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу“,
велат од Владата.
Свечената програма за одбележување на Денот на Републиката и оваа година го опфаќа традиционалното чествување на Илинден во Смилево во организација на Општина Демир Хисар, каде што се чествува со положување цвеќе и фолклорна манифестација.
„Од 9:00 часот владината делегација во состав – заменик-министерот за финансии Филип Николовски и националниот координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка Роберт Алаѓозовски, ќе оддадат почит на могилата ‘Даме Груев’, споменикот на смилевските Илинденци и спомен-плочата на Смилевскиот партизански одред, по што следува посета на Меморијалниот музеј, положување цвеќе на споменикот на Даме Груев, по што во спомен-паркот ‘Даме Груев’ започнува традиционалната прослава“,
се вели во соопштението.
Годинава се одбележуваат 120 години од започнувањето на Илинденското востание, прогласувањето на Крушевската Република и Денот кога пред 79 години е одржано Првото заседание на АСНОМ и воспоставувањето на државноста.