Вработените во МЖ „Транспорт“ целосно ќе го блокираат железничкиот сообраќај, откако не успеале да одржат состанок со раководството кое неколку пати им ја одложува исплатата на платата за претходниот месец. Како што изјавил за МИА претставникот на машинскиот и извршниот персонал и претседател на Синдикатот на машиновозачи, Тони Димовски, бојкотот е поради неисплатен втор дел од платата за јуни, но и за покачување на коефициентите.
„Бојкотот е и за почнување преговори или одговор за измена и дополнување на систематизацијата, зашто имаме сознанија дека се поделени 230 решенија со покачување на коефициенти на одредени работни места,“
вели Димовски.
Според него, на 2 ноември 2021 година е донесена Одлука согласно која, ако до 25-ти во месецот не биде исплатена во целост платата за претходниот месец, на 26-ти машинскиот и извршниот персонал почнува со бојкот и блокада на железничкиот сообраќај.
„Минатата недела имавме средба со генералниот директор на која ни беше кажано денеска во 10 часот да бидеме во канцеларијата кај него. Но, директорот денеска не беше дојден на работното место зашто бил на некаков состанок, дали во Влада или на друго место. Не прими неговиот советник кој не замоли да се стрпиме за плата до 4 август, петок. Ние неколку пати даваме шанса, еве и овој пат помина 26-ти. Им дадовме простор до крајот на месецот, но и до тогаш тие не можат во целост да ја исплатат платата за претходниот месец. Дополнително, и за првиот дел од платата, одбитоците за кредити кои некои колеги ги имаат земено, не се исплатени,“
објаснува Димовски.
Тој потенцира дека железничкиот сообраќај ќе биде прекинат до исплаќање на вториот дел од платата и додека не се исполнат барањата на машинскиот и извршниот персонал доставени на 3 јули 2023 година.