На промоцијата на 23 класа потпоручници, во Воената академија „Михајло Апостолски“ денеска беа врачени награди за тројцата најдобро рангирани. Министерката Славјанка Петровска порача дека вистинските патриоти се тие кои решиле својата работна кариера да ја посветат на заштитата на своите граѓани и да бидат дел од системот на колективна одбрана и безбедност.
„Благодарение на современите студиски програми во согласност со принципите за воено образование на НАТО, можност за размена на професорски кадар и питомци преку програмата ‘Еразмус плус’, како и преку одбранбената билатерална соработка со нашите сојузници, имавте можност за стекнување знаење и вештини, вредни за еден вистински офицер на НАТО. Денес стоите овде пред нас токму благодарение на вашата одлучност, подготвени да продолжите и да постигнете повисоки цели. Вие сте вистинските патриоти, вие кои сте решиле својата работна кариера да ја посветите на заштитата на своите граѓани и многу повеќе од тоа, активно да се вклучите во системот на колективна одбрана и безбедност на НАТО, како офицери на земји членки и партнерски земји на Алијансата“,
рече Петровска.

Петровска порача и дека е успех што со години наназад во Воената академија се образуваат и офицери од земјите од регионот.
„Денес покрај 27 нови потпоручници од македонската армија, имаме и петмина од Црна Гора и Босна и Херцеговина. Но, за време на вашето образование, двајца од вас имаа можност по еден семестар да се школуваат во Кралството Норвешка, а исто така на нашата Академија, еден семестар се образуваа и питомци од Кралството Норвешка и од Република Бугарија“,
истакна министерката за одбрана.

На свеченоста се обрати и првенецот на генерацијата Никола Антески кој го сподели искуството од почетоците на Воената академија, каде што почнале со основна воена обука како ригорозен процес – тест за физичката и ментална издржливост.
„Бевме турнати надвор од нашите граници, соочени со препреки што изгледаа непремостливи. Но, ние стоевме обединети, учејќи го вистинското значење на заедништвото и силата што доаѓа од заедничката работа како тим. Токму во овие моменти ги откривме нашите внатрешни резервоари на сила и издржливост. Конекцијата што ја поставивме уште првите денови, стана основа на доживотни пријателства. Сите ние бевме најголема меѓусебна поддршка во моменти на тага и среќа. Имавме можност да живееме и работиме изминатите четири години и со питомци кои не го носат истото знаме со нас на ракавот, но, во нив добивме искрени пријатели во Босна и Херцеговина и Црна Гора,“
рече Антески.
Деканот на Воената академија, полковник Митко Богдановски, порача дека дека Воената академија претставува света институција која создала генерации кои се соочија и надминаа многубројни конфликти, кризи и природни катастрофи.
