Двајца туристи од Хонг Конг се изгубиле во кањонот Матка во регонот на манастирот „Свети Никола Шишевски“ по што се пронајдени од тим од полициската станица Сарај преку единствениот број за итни случаи 112.
Повикот за помош е примен денеска во 18:10 часот преку мобилен телефон без картичка. На англиски јазик тие го информирале вработениот од единствениот број за итни случаи дека се изгубени и дека имаат минимално храна и вода.
„Дежурниот оператор на единствениот број за итни случаи 112 во ЦУК, бил подолго време во комуникација со нив и ги координирал да пронајдат нешто забележливо во нивната околина. По пронаоѓањето на знак на патека за манастирот ‘Свети Никола Шишевски’ дежурниот оператор од 112 во ЦУК им посочил да останат до знакот на патеката. Потоа веднаш координирал со МВР за нивно пронаоѓање и за извлекување на безбедно“,
соопшти ЦУК.
Туристите се пронајдени и безбедно извлечени во 20:15 часот.
Вчера, пак, возач кој со возилото излетал од магистралниот пат Велес – Штип е спасен благодарение на тоа што од неговиот мобилен телефон е испратена говорна порака на аглиски јазик до единствениот европски број за итни случаи 112. Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираат дека повикот бил примен вчера наутро во 04:20 часот и согласно процедурата, веднаш се забележани координатите на локацијата од каде што е примен повикот, по што почнала итна проверка на вистинитоста на повикот во соработка со Министерството за внатрешни работи. По извлекувањето на повреденото лице, тоа е однесено во болница во Велес, а потоа, најверојатно поради сериозноста на повредите, е пренесено во Клиничкиот центар во Скопје.
Насловна фотографија: архива