Кај пациентката било потврдено присуство на конго-кримска хеморачна треска
Девојка на возраст од 27 години од селото Кучица, Штип, починала откако претходно била касната од крлеж и хоспитализирана на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби.
Директорот на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Шабан Мемети, во изјава која ја пренесуваат повеќе медиуми, наведува дека на 27 јули во лабораторијата за вирусологија бил докажан причинител на конго-кримска хеморачна треска кај пациентка.
Поради брзо прогресирање на болеста, девојката починала истиот ден.
„Тим од одделот за епидемиологија при ИЈЗ во соработка со епидемиолог од СЈЗ Штип направи веднаш увид во селото, клиничката болница Штип и ИМП Штип. Направена е и епидемиолошка анкета за пациентката, по што дознавме дека била касната од крлеж кој бил изваден во домашни услови, по појава на симптоми (неколку дена по каснувањето) најпрво била хоспитализирана во Штип, а потоа во Скопје“,
истакнува Мемети.
Со оглед дека болеста се пренесува и преку крв од заразеното лице, биле пребарани и контактите на девојката, а од тие со висок ризик биле земени четири материјали за тестирање и сите биле негативни. Контактите од среден и висок ризик, според информациите од ИЈЗ, се ставени под здравствен надзор наредните 14 дена.