„Често се сомневам оти меѓу радикалите од двете држави има некој премолчен договор – ние ќе ја задржиме државата да не напредува, а вие продолжете со својата мисија за бугарски пасоши“, вели шефот на македонската дипломатија Бујар Османи

фото: фејсбук-профил на Бујар Османи
За ниту едно од 35. поглавја, Договорот и Протоколот со Бугарија не е услов за отворање и затворање на поглавјата. Договорот со Бугарија е само во општиот впечаток за добрососедските односи, но за тоа не се гласа во Европската Унија. Нема да има ниту писмен извештај од страна на Европската комисија во однос на степенот на реализација на Договорот со Бугарија, категоричен е шефот на македонската дипломатија Бујар Османи.
Според него, сè друго е пропаганда за да се исплашат граѓаните додека се изложени на процес на „пасошизација“. Османи рече дека се сомнева дека радикалите од двете држави имаат некој премолчен договор.

фото: фејсбук-профил на Бујар Османи
„И сега некој ќе ми каже дека со спомнувањето на Бугарите како посебно малцинство во Уставот ќе се бугаризира државата, а не со земање пасоши со кои сами се пријавувате дека по потекло сте Бугари. Затоа сум кажал дека често се сомневам оти меѓу радикалите од двете држави има некој премолчен договор – ние ќе ја задржиме државата да не напредува, а вие продолжете со својата мисија за бугарски пасоши“,
истакна Османи.
Посочи дека со секое доцнење за членство во ЕУ една група македонски граѓани добиваат бугарски пасош, а за да го добијат треба да одат во Софија и да се пријават дека се Бугари по потекло и да обезбедат стан во кој живеат.
„Најнепатриотски и најштетен чин кон државата е нашиот пасош да биде подреден на бугарскиот пасош. Овој процес на пасошизација е најголемата платформа за бугаризација“,
оцени Османи на денешната прес-конференција.
