Вечерва сите ние присутни овде сме дојдени да искажеме почит и да се заблагодариме на нашата скопска четворка за тоа што ја прославија државата високо на глобалната карта на уметнички достигнувања, кажа шефот на државата







Претседателот Стево Пендаровски вечерва на свечена церемонија во Вила Водно ги одликуваше Бодан Арсовски, Кокан Димушевски, Влатко Стефановски и Гарабет Тавитјан со Орден за заслуги за Република Северна Македонија.
Во своето обраќање на церемонијата, Пендаровски истакна дека меѓу бројните, несоборливи докази за тоа кои се Македонците, доволно е да се цитира музичкото творештво и наследство на „Леб и сол“, кои и во 21 век продолжува да ги инспирира музичарите да истражуваат нови предели, додека ги почитуваат сопствените корени.
„Вечерва ве пречекавме со леб и сол, традиција која постои не само кај нас, туку и кај многу други народи, нордиски, балтички, кај Евреите, кај Албанците, кај балканците и секаде каде што постои таа традиција таа означува една иста работа – а тоа дека гостите се добредојдени. Само кај нас во македонскиот јазик тој израз има и друго посебно значење. Имено, кај нас леб и сол означува култ, категорија, институција со наднационално значење и вонвременски карактер. Зборуваме за музиката, опусот, животното дело на Влатко Стефановски, Бодан Арсовски, Кокан Димушевски и Гарабет Тавитјан“,
рече Пендаровски.
Шефот на државата истакна дека уште од нивниот прв албум објавен далечната 1978 година, „Леб и сол“ се дефинирани како неприкосновени инструментални виртуози и пионери во она што критичарите го нарекоа „world music fusion“ – комбинирајќи рок, џез и традиционални македонски ритми, при тоа, создавајќи музика која далеку ги надмина границите на времето.
„Патувањето на ‘Леб и сол’ од Скопје до меѓународно призната музичка постава е доказ за моќта на нивното креативно изразување кое далеку ги надминува националните граници. Преку специфичните миксови на наследството на нашата нација со планетарните музички влијанија, ‘Леб и сол’ не само што го збогатија културниот идентитет на македонското општество, туку, дадоа суштински придонес и за развојот на музиката и на глобално ниво“,
кажа Пендаровски на церемонијата денеска.
„Леб и сол“ е македонска џез/рок група, основана на 1.1.1976 година, во скопската населбa Тафталиџе.