„Новинарите и медиумските работници од МИА веќе подолго време бараат покачување на нивните плати, согласно Колективниот договор и усогласување со трошоците за живот, но Владата досега не најде за сходно да одобри зголемување на платите во овој државен медиум“, се наведува во објавата за протестот
Вработените во Мeдиумската информативна агенција (МИА) излегуваат на предупредувачки протест со барање за зголемување на платите. Протестот, како што објавија, ќе се одржи пред просториите на агенцијата со почеток во 11 часот и ќе трае половина час, за време на паузата.
Протестот се организира со поддршка на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Синдикатот на медиумски информативни агенции (СМИА).
„Новинарите и медиумските работници од МИА веќе подолго време бараат покачување на нивните плати, согласно Колективниот договор и усогласување со трошоците за живот, но Владата досега не најде за сходно да одобри зголемување на платите во овој државен медиум“
се наведува во објавата на МИА.
Предупредувачките протести, како што најавуваат, ќе продолжат и во наредните денови, а во случај тие да не резултираат со разбирање и прифаќање на барањата на вработените, ќе бидат преземени и порадикални чекори.
ССНМ ги повикува сите вработени во АД МИА да се приклучат кон протестот.
„Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници дава безрезервна поддршка на своите членови и на сите вработени новинари и медиумски работници во МИА и потсетува дека основен предуслов за слободно и професионално новинарство е стабилна социо-економска состојба на новинарите и медиумските работници“
пишува во веста објавена на веб-страницата на МИА.