Голем број дојави за паднати дрва во повеќе села и градови низ земјава регистирале регионалните единици на ЦУК. Во збирниот извештај оттаму посочуваат дека штети има пријавено во околината на Штип, Виница, Кочани, Пробиштип, Струмица , Кратово, како и во главниот град.
Бурата што траела петнаесетина минути во Кочани предизвикала помала материјална штета на кровните конструкции на неколку објекти, а од врнежите од град со големина на лешник оштетени се овошки и градинарските култури, пренесе МИА. Во селото Жиганци имало и дојава за пожар, кој бил навремено изгаснат, а настана од силниот ветер кој предизвикал краток спој на електричниот довод меѓу две куќи.

На подрачјето на општина Карбинци, на патниот правец Штип – Кочани, пред бензинската станица кај с.Крупиште имало паднато дрво како последица на силен ветер. Од страна на службите е извршено отстранување на истото, информира ЦУК, а исто така како последица од силниот ветер имало и падната топола во с.Радање. Селото привремено останало без напојување со електрична енергија.
„Регионалниот ЦУК Штип, известува дека како последица од силниот ветер и невремето кое го зафати подрачјето на општина Пробиштип, на патниот правец с.Ратавица-м.в.Киселица и с.Ратавица – с.Легово имало паднати дрвја. Од страна на ПС Пробиштип и ТППЕ Пробиштип е интервенирано и дрвјата се отстранети од споменатите патни правци,“
посочува ЦУК.
Дојави за паднати дрва имало и во околината Струмица.
„Регионалниот пат Ново Село – Самоилово, на магистралниот пат Струмица – Ново Село, и на магистралниот пат Струмица – Валандово. Известени се ЈП Македонија пат да ги отстранат паднатите дрва. Имаат регистрирано падната бандера на ул.Бошко Буха бр.90 во Струмица и во село Попчево. Известени ЕВН И ЕЛС,“
пренесува ЦУК.
Невремето попладнево зафати и делови од Скопје. На бројот за итни случаи стигнале повеќе од 40 дојави, а триесетина биле за паднати дрва. Дел од градоначалниците на скопските општини зафатени од невремето објавија дека службите се на терен и ги санираат штетите.