Ваквата најава доаѓа во момент кога повеќе македонски медиуми и политички партии вчера и денеска пренесуваат информација дека во наредните денови во парламентот на Бугарија ќе се гласа Декларација за Илинденското-Преображенско востание, предложена од пратеничката група на Продолжуваме со промените (ПП) на поранешниот премиер Кирил Петков, иако оваа информација е неточна, односно е лажна вест
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) во вторник ќе предложи резолуција за Илинден во Собранието, најави денеска на прес-конференција пратеникот и портпарол на партијата, Дарко Каевски.

„Илинден е еден од најсветлите празници во македонската историја и светилник на нашата борба за посебност и независност. Тоа не може да го смени и одземе декларација на која било партија, во или вон Македонија. Илинден е дел од секој Македонец и од целиот македонски народ. На 2 Август ќе го прославиме со полно срце и гордост како 120 години досега“,
изјави портпаролот на СДСМ на денешната прес-конференција.
Изјавата на Каевски доаѓа во момент кога повеќе македонски медиуми и политички партии вчера и денеска пренесуваат информација дека во наредните денови во парламентот на Бугарија ќе се гласа Декларација за Илинденското-Преображенско востание, предложена од пратеничката група на Продолжуваме со промените (ПП) на поранешниот премиер Кирил Петков, иако оваа информација е неточна, односно е лажна вест.
„360 степени“ ја следеше и информираше за последната седница на бугарскиот парламент која се одржа пред три дена, на 20 јули – датум на кој Бугарија го празнува Илинден, но за разлика од нас, тие овој празник го нарекуваат Ден на Илинденското преображенско востание.
На седницата на бугарскиот парламент, двајца пратеници од владејачката коалиција, едниот од ПП на Петков, другиот од партијата ГЕРБ на Борисов, се пријавија за да дадат „декларација“. И двајцата говореа за Илинден.
Не се работи за декларација како писмен документ, како акт за кој се гласа, туку за изјава, обраќање на еден пратеник или парламентарна група, без никакви консеквенци, освен за политички профит на тие што ја даваат.