Извршната власт самата ги крши законите кои одредуваат – колку е минималниот износ на средства кои треба да се издвојуваат за судовите и за обвинителствата. Оваа „вест“ се повторува со години, но овојпат Државниот завод за ревизија открива и колку пари побарале судиите и обвинителите
Законот за судскиот буџет, во членот 4 утврдува дека буџетот на Судската власт треба да изнесува најмалку 0,8% од Бруто домашниот производ (БДП). Одредбата е многу едноставна, не остава простор за „креативни“ толкувања и е смислена со цел судовите и Судскиот совет да бидат и финансиски независни од извршната власт, односно да не зависат од волјата на овој или оној министер за финасии или премиер.
Таман го научив магарето да не јаде…
Но, откако е воведена оваа одредба, ниту еднаш не е испочитувана од ниту една влада. Така било и лани, покажува конечниот ревизорски извештај на основниот Буџет на РСМ, кој денеска го објави Државниот завод за ревизија.

„Со анализа на податоците констатиравме дека износот на одобрени средства за Судска власт за 2022 година изнесуваат 2.336.087 илјади денари (околу 38 милиони евра н.з.) што е 63% помал од законски утврдениот лимит и претставува 0,3% од БДП“,
стои во ревизорскиот извештај.
Со други зборови, ланскиот буџет на судската власт требал да биде околу 102 милиони евра. Требал, ако се почитувал законот. Но уште поинтересно од фактот дека Владата не го почитува законот е што судовите и Судскиот совет се така „истренирани“ низ годините, па не ни барале толку пари од Буџетот колку што им следуваат, туку многу помалку. Во т.н. буџетски циркулар, документ кој го пополнува секој буџетски корисник и во кој се прави годишна проценка за трошоците, претседателите на судовите и Судскиот совет побарале само 53 милиони евра. Тоа е околу 50% од парите кои им следуваат по закон. Не само што министерството им одобрило само 38 милиони евра, туку и го нема задолжителното образложение – зошто е постапено така.

„И покрај разликите во бараните и одобрените средства за Судска власт, не е изготвен писмен документ за постигната согласност, ниту Извештај за причините за неусогласеноста на бараните и одобрените средства, кој согласно член 15 од Законот за судскиот буџет треба да се достави до Владата и до Судскиот буџетски совет, кој треба да даде мислење по истиот“,
пишува во ревизорскиот извештај на ДЗР.
„Крпена“ борба со корупција
Слична одредба како за финансирањето на судовите има и за обвинителствата. Во членот 101, став 1 од Законот за јавното обвинителство се предвидува – буџетот на Јавното обвинителство да изнесува 0,4% од буџетот на дражавата. Во пари, за 2022 година, тоа биле околу 20 милиони евра.
И обвинителите, како и судиите имаат „тренинг“, па во нивните буџетски циркулари биле поскромни од законската одредба. За 2022 година побарале околу 17 милиони евра. Па сепак, владата им одобрила само околу 10,5 милиони.
„Овластениот државен ревизор со извршените ревизии на јавните обвинителства, во континуитет известува дека одобрените средства со годишните буџети не ги задоволуваат потребите на јавните обвинителства во државата, што создава ризик за непречено функционирање и реализација на нивните законски надлежности“,
се вели во ревизорскиот извештај на ДЗР.