Емина Нурединоска од МЦМС која е дел од Платформата за борба против корупција, во дебата на „360 Степени“ зборуваше за работата на новата Антикорупциска комисија и дали беше оправдано да се отвораат случаи додека траеше изборната кампања.
– Нема законски пречки ДКСК да не работи во текот на изборната кампања. Дали мора да го отвора случајот на Мицкоски во тие два круга, ако не се во прашање рокови, е дискутабилно. Можело да се почека, затоа што може да се толкува како влијание врз изборите и изборните резултати. Во однос на прашањето дали и колку ДКСК може да биде пофокусирана, поефикасна и поефективна во својата работа… согласно новиот закон, има над 20-тина алинеи коишто се надлежности на комисијата, почнувајќи од националната стратегија, до едукација итн, односно превентивните мерки коишто треба да ги прави. Навистина се многу и не можеме да кажеме фокусирајте се. Можеби прашањето е дали ќе се фокусирате на високите функционери или на членовите на управни одбори во основни училишта, или јавни болници итн. И тука навистина треба да прават разлика и што е побитно, кога ги анализираат, на пример, тие ситуации, на судир на интереси, или пак кога отвораат предмети како во случајот на Панде Лазаревски, Игор Јанушев и неговиот татко. Пишува во одлуката дека предметот е отворен врз основа на информација од медиумите. Значи, не е поднесена пријава, а ДКСК одлучува да отвори предмет за нешто за што знае дека нема надлежност. Ниту Лазаревски, ниту Јанушев сега не се функционери, за да можат да бидат во надлежност на комисијата – рече Нурединоска.