Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) на една од редовните средби го известила Јавното обвинителство на Република Северна Македонија (ЈОРСМ) дека има сериозни сомнежи во врска со предметот „Труст“ и дека ќе покрене иницијатива за поведување постапка за кривично гонење.
Откако денеска Обвинителството соопшти дека ја замрзнува соработката со Антикорупциска поради наводите за овој предмет изнесени на вчерашната јавна седница и најавената иницијатива за кривично гонење ја нарече беспредметна и непотребна, антикорупционерите прашуваат – како Обвинителството ја оцени иницијативата како беспредметна кога сè уште не ја виделе?

„Се поставува прашањето како ЈО ја оцени иницијативата дека е беспредметна и неоснована и дека Комисијата при анализа на предметот немала пред себе многубројни докази ниту увид во комплетната фактичка состојба, кога иницијативата сè уште не е доставена, а ЈО сè уште нема сознанија кои доказни материјали сме ги обезбедиле при анализата на овој предмет. Во духот на заедничка и организирана борба против корупцијата и организираниот криминал, целисходно е ЈО претходно да ги види сите факти и аргументи со кои располагаме бидејќи целта на ДКСК е да придонесе при расветлувањето на овој случај, а не да ја компромитира постапката што се води во ЈО“,
велат од ДКСК.
За замрзнувањето на активностите што произлегуваат од меморандумот за соработка меѓу Обвинителството и ДКСК, антикорупционерите велат дека тој документ е само израз на добра волја за соработка, но надлежностите се јасно дефинирани во законите.
„ДКСК, почитувајќи ги одредбите во меморандумот за соработка на ДКСК со ЈО, на редовна средба го извести Обвинителството дека има сериозни сомнежи во врска со предметот ‘Труст’ и дека ќе покрене иницијатива за поведување постапка за кривично гонење. ДКСК и понатаму ќе продолжи да постапува согласно своите законски надлежности и да соработува со сите надлежни институции за борба против корупцијата и организираниот криминал во интерес на владеењето на правото“,
велат од Антикорупциска.
Откако вчера ДКСК на јавна седница објави дека постоела цела шема со која се обезвреднил имотот конфискуван во случајот „Труст“, а вклучени биле нотари, обвинители, правобранителството, проценители, како и приватни фирми, денеска Обвинителството ги обвини антикорупционерите дека со ова му е нанесена непотребна штета и на Јавното обвинителство како институција и на јавните обвинители кои постапувале во предметот.
Обвинителството информира дека поради, како што потенцираат, еднострано целосно непочитување на потпишаниот меморандум за соработка, ги замрзнуваат сите активности предвидени и кои произлегуваат од тој Меморандум.