Поднесено е барање за поведување на прекршочна постапка
Царинските службеници заплениле 27 илјади евра на граничниот премин „Богородица“, пронајдени во лична чанта на патник од Србија кој легално ја преминувал границата, но не поседувал соодветен документ за потеклото на парите.
Вкупната сума што била пронајдена е во износ од 47 илјади евра, но, како што појаснуваат од Царинската управа, согласно Законот за девизно работење, на патникот и на неговата сопруга сопатник им се вратени по 10 илјади евра (износ што нерезидент може слободно да го изнесе од државата), а преостанатите, вкупно 27 илјади евра, привремено се задржани.


„На 18.07.2023 година околу 20 часот на излез од државата на граничниот премин ’Богородица’ се пријавило патничко моторно возило со српски регистарски таблички, управувано од српски државјанин. При извршена контрола од страна на царинските службеници во лична чанта на патникот се пронајдени 47 илјади евра за кои не поседувал соодветен документ за потекло. Согласно Законот за девизно работење, на патникот и неговата сопруга сопатник во возилото, вратени им се по 10 илјади евра (износ што нерезидент може слободно да го изнесе од државата), а преостанатите 27 илјади евра привремено се задржани. Согласно Законот за девизно работење и Царинскиот закон поднесено е барање за поведување прекршочна постапка“,
соопшти Царина.