Екссудијата е осуден за злоупотреба на службената положба и овластувања, поврзана со постапување во предмет за денационализација на земјиште во Струга. Со пресудата која ја донел, според проценките на обвинителството, била направена штета од 200 000 евра на државата
Поранешниот управен судија Мустафа Шахини денеска беше осуден на пет години затвор за делото злоупотреба на службената положба и овластувања, со кое била направена штета на имотот на државата од околу 200 000 евра.
Пресудата беше изречена во Основниот кривичен суд Скопје откако за предметот се отвори истрага во мај 2019 година, а за истиот случај Судскиот совет го разреши Шахини од судиската функција во октомври 2020 година.
„Според сите изведени материјални и вербални докази на обвинителството и одбраната, а имајќи ги предвид сите олеснителни и отежнувачки околности, судот донесе пресуда со која обвинетиот М. Ш. го огласи за виновен за кривичното дело – злоупотреба на службената положба и овластување и го осуди на казна затвор во траење од 5 години“,
велат од Кривичен.
Пресудата не е правосилна, односно Шахини и обвинителството имаат право на жалба до Апелацискиот суд Скопје.
Тој се гонеше за постапување во предмет во кој донел одлука во корист на свои роднини, на кои за истиот случај им бил адвокат пред да биде избран за судија. Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција тврдеше дека тој иако знаел дека не смее да постапува во случајот како судија со оглед дека претходно бил адвокат, сепак го зел предметот во работа. Тужбата, иако била неуредна, ја прифатил и му оневозможил на Државното правобранителство да се вклучи во управниот спор.
Потоа, тој учествувал во донесување и на пресудата со која спротивно на законите за вода, за денационализација, за заштита на Охридското, Дојранското и Преспанското Езеро и на Законот за управни спорови, дозволил градежно земјиште во Струга да биде вратено во приватна сопственост.
„Воедно за недвижен имот со површина од 171 метри квадратни, што претставува јавно добро – крајбрежен појас и што не смее да биде вратено во приватна сопственост, определил надомест во износ од 119 700 денари во вид на обврзници за денационализација. Свесно и со намера да оневозможи заштита на имотните права и интереси на РСМ, примерок од пресудата, иако е задолжително заради право на жалба, не бил доставен до Државното правобранителство и со својот потпис, осомничениот, овозможил правосилност на пресудата“,
тврдеа од обвинителството кога ја отворија истрагата во 2019.
Со овие дејствија, како што пресмета обвинителството, било овозможено тужителите противправно да се стекнат со имот и да се нанесе штета на државата од вкупно 12 164 413 денари или речиси 200 000 евра.