Во април годинава кон американско-турскиот конзорциум беше исплатена првата транша од 117 милиони евра, а на почетокот на овој месец од ЈПДП соопштија дека на компанијата „Бехтел и Енка“ ѝ се исплатени дополнителни 53 милиони евра за коридорите 8 и 10-д
На американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ државава досега му исплатила околу 167 милиони евра како дел од предвидените средства за изградбата на автопатските делници од коридорите 8 и 10-д.

Ваквата информација денеска ја обелодени директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), Ејуп Рустеми, велејќи дека исплатата на средствата е согласно договорот за реализација на делниците што е потпишан со конзорциумот и со финансиската програма одобрена од Владата.
„Досега се исплатени околу 167 милиони евра за мобилизација и авансно плаќање за Коридорот 8 и Коридорот 10-д“,
изјави Рустеми.
Првиот човек на ЈПДП додаде дека во моментов се вршат геомеханичките испитувања на делниците Прилеп – Битола, Тетово – Гостивар и Гостивар – Кичево, а во фаза на подготовка се и елаборатите за експропријација.
„Денеска или утре ќе бидат одобрени и сите проектанти за проектирање на сите траси и патните коридори. Сакам да ја информирам јавноста дека сите капацитети во државата кои проектираат ќе бидат ангажирани. Ќе продолжиме најверојатно следната недела да доставиме барање до Министерството за транспорт за патните коридори. По добиеното одобрување, ќе почнеме и со експропријацијата, а потоа и со градежните работи“,
изјави Рустеми.
Кон крајот на април годинава првиот човек на Министерството за транспорт и врски Благој Бочварски кажа дека неговиот ресор му исплатил вкупно 117 милиони евра државни пари на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), во рамки на првиот трансфер на средства наменети за американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.
На почетокот на месецов од ЈПДП соопштија дека кон „Бехтел и Енка“ е исплатена втората транша во износ од 53 милиони евра. Исплатата, како што соопштија, е согласно Програмата за финансирање патна инфраструктура за проектот Коридор 8 и Коридор 10-д, со која за годинава се предводени вкупно 243 милиони евра.