Минатата недела беа избрани нови и беа унапредени неколку постојни обвинители. Дел од кандидатите за повисоки функции, а кои работеа на тешки предмети од СЈО, како Љубомир Лапе и Ленче Ристоска, повторно не добија мнозинство гласови
Претседателот на Советот на јавни обвинители објасни дека Лапе и Ристоска не добиле поддршка бидејќи работеле еднородни предмети (за корупција), а Ристоска немала многу предмети во последно време бидејќи била на породилно. Тоа го отвори прашањето – дали обвинителите што работат само корупција треба да се простат од унапредување, заедно со обвинителките што сакаат да оформат семејство?
Поминаа шест дена откако Советот на јавни обвинители унапреди неколку обвинители во повисоки обвинителства и избра нови обвинители од Академијата за судии и јавни обвинители. Но поминаа и пет дена откако „360 степени“ упати прашања – по кои критериуми беа унапредени тие што беа унапредени, а по кои критериуми беа одбиени тие што не добија мнозинство.
И тоа не беше единственото наше прашање. Главните одговори кои ги баравме беа во врска со прес-конференцијата на претседателот на Советот на јавни обвинители, Антонио Јолевки. Попрецизно, кога новинарите го прашуваа зошто немало мнозинство за Љубомир Лапе и Ленче Ристоска, обвинители кои се докажаа со некои од најтешки предмети против високи функционери во предметите на СЈО, шефот на Советот кажа:

„И кај него и кај Ленче имаме недостаток на работа по предмети во овој период, зборуваме за различни предмети каде што во Вишото обвинителство ќе се сретнат со тие предмети. Во Вишото обвинителство се бара работа по сите видови на предмети, не само на одредена категорија, на одредена област. Сепак, Специјалното обвинителство не работеше кривични дела убиства, не работеше со дрога, не работеше еден куп предмети кои ги работат во Основното обвинителство…
Кога сме кај Ленче, ние четири години побаравме извештај за работа. Таа е во моментов на породилно и таа и да ја избереме, ќе биде на породилно“,
изјави на 12 јули 2023 година Антонио Јолевски, претседател на Советот на јавни обвинители.
Во „превод“, сакајќи или не, Јолевски кажа дека обвинители што се занимаваат само со корупција или останале бремени, имаат „отежнителна“ околност кога се унапредува. Обвинителката Ленче Ристоска најави тужба за дискриминација до надлежната државна комисија. Невладината „Сите за правично судење“, пак, го критикуваше образложението и неговите последици.
Што вели ЕУ?
„360 степени“ тогаш постави прашања и до Делегацијата на ЕУ во земјава и до Амбасадата на САД, два ентитета кои инвестираат многу во македонскиот правосуден систем, а сѐ почесто не се воздржуваат да го кажат своето мислење. За конкретниот случај, САД решија да не коментираат. Од канцеларијата на ЕУ во Скопје ни одговорија:

„Како дел од пристапните преговори кои ЕУ ги почна минатиот јули со Северна Македонија, ние уште поблиску го набљудуваме (мониторираме) развојот на настаните во областа на правосудството и владеењето на правото. Независноста на судството и борбата против организираниот криминал и корупција се во сржта на Кластерот 1 – Темелни вредности. ЕУ ја изрази својата загриженост за бавниот процес на реформи, како и за некои неодамнешни случувања во судството. Во интерес е пред сѐ на граѓаните и на пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ, сите институции да ја извршуваат својата улога со грижливост и во духот на независноста, интегритетот, непристрасноста и професонализмот“,
одговорија од Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија.
Да е апсурдот поголем, во минатите циклуси унапредувања, Советот без проблем избираше обвинители кои исто како Лапе и Ристоска, во изминативе години работеле само на предмети од областа на корупцијата. За нив немаше проблем што не работеле и убиства, кражби или предмети со дрога.
Зошто тогаш можеше, а сега не, е уште едно од корпусот прашања на кои и по пет дена чекање, немаме одговор за последниот (не)избор на обвинители од страна на Советот на јавни обвинители.