Шефот на Советот на јавни обвинители изјави дека обвинителите од поранешното СЈО, Љубомир Лапе и Ленче Ристоска, не биле унапредени затоа што немале разнородни предмети „во последно време“, како убиства, дрога итн. Што значи оваа порака за сите обвинители кои работат стриктно на борба со корупцијата? Како тогаш беше унапреден Артан Ајро?
Обвинителката Ленче Ристоска за „360 степени“ вели дека ќе поднесе тужба до Комисијата за спречување и заштита од дискриминацијата затоа што како една од причините што не е унапредена беше посочена околноста дека е на породилно отсуство
Веќе е вчерашна веста дека Советот на јавни обвинители избра и унапреди повеќе обвинители во неколку јавни обвинителства низ земјава. Но и денеска останува отворено прашањето – според кои критериуми одредени кандидати добија поддршка, а според кои други кандидати не добија поддршка.

Тоа клучно прашање останува дел од мистиката што го следи секој (не)избор на обвинители. Но, вчера на прашање на новинарите, шефот на телото кое бира и разрешува обвинители реши да даде рационале – зошто не биле унапредени во Вишото обвинителство Скопје кандидатите Љубомир Лапе и Ленче Ристоска.
„И кај него и кај Ленче имаме недостаток на работа по предмети во овој период, зборуваме за различни предмети каде што во Вишото обвинителство ќе се сретнат со тие предмети. Во Вишото обвинителство се бара работа по сите видови на предмети, не само на одредена категорија, на одредена област. Сепак, Специјалното обвинителство не работеше кривични дела убиства, не работеше со дрога, не работеше еден куп предмети кои ги работат во основното обвинителство…
Кога сме кај Ленче, ние четири години побаравме извештај за работа. Таа е во моментов на породилно и таа и да ја избереме, ќе биде на породилно“,
изјави вчера Антонио Јолевски, претседател на Советот на јавни обвинители.
Збогум кариеро
Ваквата изјава на Антонио Јолевски отвора два проблема. Прво, дали изјавата е порака до обвинителките да не помислуваат да остануваат бремени ако имаат амбиција да напредуваат во структурите на обвинителството. Второ, што со луѓето кои работат на специфична проблематика во македонскиот обвинителски систем, како на пример, во обвинителство за гонење на организиран криминал, кои не често доаѓаат во контакт со предмети како убиства, па и дрога.
Значи ли изјавата на Јолевски дека, на пример, ако некој обвинител изградил тежок предмет со кој ставил во затвор актуелен висок функционер во затвор, не е подобен за унапредување само затоа што нема убиство во „портфолиото“? Така е, велат од Коалицијата „Сите за правично судење“, ако доследно се толкува изјавата на Јолевски.

„Истото е еклатантен пример на општо и нејасно образложение кое многу повеќе е дадено како заклучок отколку како аргумент во поткрепа на одлуката. Неизбежно е да се напомене дека при конкурирање за јавни обвинители во повисоки обвинителства или, пак, во ОЈОГОКК, најчесто, никој од кандидатите претходно не бил во обвинителство за каде конкурира, па природно е да немаат искуство со предмети од различни области, особено доколку обвинителите постапувале само пред суд со основна надлежност, што според оваа логика на Советот, нѐ доведува до заклучокот дека овие обвинители никогаш не би требало да бидат унапредени“,
велат од Коалицијата.
Од Коалицијата не застануваат само на унапредувањето туку отвораат и ново прашање – како воопшто би бирале обвинители?
„Ако направиме паралела, кандидатите од Академијата никогаш претходно не биле јавни обвинители и не работеле со предмети, но тие, сепак, се бираат од страна на Советот. Од друга страна, по правило постапките за гонење на организиран криминал и корупција, особено вископрофилираната корупција, се исклучително комплексни и тешки истраги, а застапувањето на обвиненијата во суд вообичаено бара многу посериозен ангажман од страна на обвинителите, бидејќи ваквите постапки се најчесто проследени со голем јавен интерес врз чија основа јавноста ги креира перцепциите за успешноста на борбата против корупцијата. Оттука, нејасно е зошто Советот смета дека не треба да се унапредат одредени обвинители само затоа што не работеле други предмети освен оние поврзани со корупција“,
велат од Коалицијата.
Ристоска ќе тужи пред Антидискриминациска
„360 степени“ побара коментар од дел од обвинителите кои не беа унапредени. Ни одговори само обвинителката Ленче Ристоска. Го коментираше единствено делот од образложението дека била на породилно.

„Не гледам потреба повторно да ја коментирам работата на Советот, кога моето мислење е јавно познато. Што се однесува до изјавите во кои околноста што користам породилно отсуство се врзува со подобноста за мој избор во Вишото јавно обвинителство Скопје, за истите ќе поднесам претставка до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Сепак, не е прв пат да се соочувам со дискриминаторски изјави и затоа сметам дека треба заштитата на моите права да ја канализирам и институционално“,
изјави за „360 степени“ обвинителката Ленче Ристоска.
Ристоска е скокната по втор пат за избор во Вишото јавно обвинителство. Претходниот пат, беше многу млада. Слична беше судбината и на обвинителот Љубомир Лапе, при истиот избор во 2021 година.
Да е апсурдот поголем, токму на таа седница пред две години, за Виши јавни обвинители беа избрани двајца колеги на Лапе и Ристоска од СЈО, кои патем, не работеле ништо во последните години освен предметите поврзани со корупција на СЈО. Лани, пак, уште еден екс обвинител од СЈО стана виш обвинител. Сегашниот критериум, за разнородно искуство, не важеше кога Бурим Рустеми и Фатиме Фетаи беа избрани во Вишото обвинителство Скопје во 2021 година или кога обвинителот Стевчо Донев беше избран во Вишото обвинителство во Штип во 2022 година.
„Уште еднаш потенцираме дека Советот треба да се одважи и јавно на седница да дискутира за кариерата и искуството на кандидатите и да се води исклучиво од принципот на професионалност при изборот на јавните обвинители. Исто така, Советот потребно е да понуди јасни образложенија на одлуките што ги носи како не би имало сомнежи во јавноста за скандалозни избори“,
велат од Коалицијата „Сите за правично судење“.
Логика?
Побаравме став и објаснување и од Советот за јавни обвинители. Го поделивме тоа барање во четири прашања:
- Дали ова (објаснувањето за критериумите) значи дека обвинителите кои работат организиран криминал и корупција или криминал на „бели јаки“, злоупотреба на службената положба итн., не треба да се надеваат на унапредување во кариерата се додека не престанат да го работат (само) тоа?
- За потсетување, во структурата на ЈО на РСМ постои посебно обвинителствто токму за гонење на организиран криминал, каде само понекогаш има случаи со дрога или убиства. Дали изјавата на г. Јолевски значи дека со личниот избор да станат обвинители во тоа обвинителство тие луѓе треба да се откажат и од унапредување (бидејќи работат релативно истородни предмети)?
- Токму од ОЈО за ГОКК вчера беше унапреден обвинителот Артан Ајро, кој исто така беше дел од СЈО. Кои убиства и предмети со дрога (предмети надвор од корупција) ги работел г. Ајро во „последно време“, знаејќи дека тој беше распределен во т.н. „полициско одделение“?
- При минатите избори за обвинители во Вишите обвинителства, веќе беа избрани обвинители од поранешното СЈО. И тие, како овие што не беа избрани сега, немаа други видови на предмети во „последно време“, освен предметите на СЈО. Зошто тогаш не беше критериум разноликоста на предметите, а сега е?
До затворањето на овој текст, не добивме одговор на прашањата.
Нетранспаретноста околу прашањето за критериумите за (не)избор на јавни обвинители или нивно унапредување не е само медиумска перцепција за по дома. Веќе некое време изборите јасно ги критикува и ЕУ, а особено амбасадата на САД во земјава.
Таквите критики досега не донесоа видливи промени. Барем не на подобро.