Сите притворени лица, како што велат од Управата, согласно наредбите на надлежните судови со полициска асистенција, биле преместени во други притворски одделенија во затворите „Скопје“ и „Охрид“
Осумнаесет притвореници биле евакуирани за време на пожарот што синоќа зафати дел од битолскиот затвор.
Во образложението од Управата за извршување санкции се вели дека службените лица од затворот прво почнале сами со противпожарни апарати да го гаснат пожарот, но бидејќи не успеале повикале екипи на противпожарната единица. Исто така, било повикано и надворешно обезбедување од СВР Битола, како и брза помош.
Притворените лица, како што информираат од Управата, биле евакуирани кон шеталиштето за притворени.
„Дел од вработените лица биле упатени на превентивни прегледи во Клиничката болница во Битола, при што за среќа нема повредени притворени и вработени лица од Установата“,
се вели во соопштението од Управата за извршување санкции.
Сите притворени лица, како што додаваат од Управата, согласно наредбите на надлежните судови со полициска асистенција биле преместени во други притворски одделенија во затворите „Скопје“ и „Охрид“.
„Надлежните истражни органи дополнително ќе ги утврдуваат можните причинители за пожарот“,
додаваат од Управата.
Како што синоќа пренесе „360 степени“, најверојатно пожарот бил намерно предизвикан од еден од притворениците. Чадот бргу се разнел низ преостанатите ќелии и простории на катот преку централниот систем за вентилација.
Во битолскиот затвор во делот каде што избувнал пожарот се сместени притвореници, а во моментов мерка притвор таму издржуваат вкупно 18 лица.