Премиерот објави фотографии со американскиот претседател и посочи дека разговарале за евроатлантските интеграции на земјава и регионот кои се предуслов за мирот и стабилноста
На Самитот на НАТО во Вилнус, Литванија, премиерот Димитар Ковачевски разговарал со американскиот претседател Џо Бајден, за што тој се пофали на социјалните мрежи наведувајќи дека имале средба на која разговарале за евроатлантските интеграции на Северна Македонија и регионот.

„Средбата со претседателот на САД, Џо Бајден, на Самитот на НАТО, беше можност накратко да поразговараме за важноста на европските и евроатлантските интеграции на Северна Македонија и земјите од Западен Балкан како еден од предусловите за обезбедување на мирот, стабилноста, безбедноста и просперитетот на регионот“,
напиша Ковачевски покрај двете фотографии.
Премиерот на почетокот на мај годинава беше во официјална посета на Вашингтон, каде што одржа средба со државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, на која исто така една од главните теми на разговор беше евроатлантската интеграција на Северна Македонија.

Тогаш, од администрацијата на Бајден беа испратени пораки за поддршка за следните чекори што се потребни за остварување на тие цели.
„Американскиот државен секретар Блинкен, на состанокот потенцираше дека САД високо го ценат придонесот на Република Северна Македонија во регионалниот контекст но пред сè како цврст НАТО-сојузник. Блинкен ја пренесе силната долгогодишна поддршка на претседателот Бајден на регионот и особено на Северна Македонија, со надеж дека земјата ќе ги искористи можностите кои се пред неа, а на тој пат, државниот секретар потенцираше дека САД ќе стојат цврсто со Северна Македонија“,
пишуваше меѓу другото во владиното соопштение по средбата на Ковачевски со Блинкен.