Вкупно 48 странски делегации со 2 400 члена, вклучувајќи 40 претседатели на држави и влади и над 150 високи официјални претставници се очекува да присуствуваат на дводневниот Самит на НАТО, кој денеска и утре се одржува во Вилнус, Литванија

Пред официјалниот почеток на Самитот на НАТО во Вилнус, Литванија, премиерот Димитар Ковачевски изјави дека сите сојузници се исправени пред носење на многу важни одлуки со што ќе покажат единство во однос на тековните и идни предизвици.
Тој вели дека Самитот кога во исклучителен момент, кога се води војна во Украина.
„ Ќе бидат донесени неколку, многу важни заклучоци. Прво, ќе бидат донесени одлуки во однос на регионалните аспекти на одбраната на НАТО земјите и тоа вода, копно и воздух секако и за аспектите на сајбер одбраната и одбраната од хибридни напади. Следно ќе бидат донесени одлуки во однос на унапредувањето на соработката со Украина, практично ќе биде формиран Совет на НАТО и Украина на кој во иднина ќе можат да се носат одлуките кои се однесуваат на заедничката соработка. Дополнително, во однос на финансирањето на сите овие зголемени потреби за одбраната во овој нов геостратешки контекст ќе биде донесена одлука во однос на финансирањето и тоа значи дека 2% од БДП ќе биде практично минимумот за финансирање на одбраната, со тоа што најмалку 20% да бидат за модернизација“,
кажа Ковачевски.
Тој посочи дека Северна Македонија инвестира 30% од буџетот за одбрана на модернизација. Дополнително, кажа и дека Северна Македонија има многу јасна позиција во однос на идната соработка со Украина.
„Ние како 30-та земја членка секогаш поддржуваме отворена врата на пристапување во НАТО, меѓутоа секако откако ќе бидат согледани сите безбедносни аспекти на актуелниот момент“,
рече премиерот.
Ковачевски вели дека со тоа што Шведска станува 32 земја членка, Алијансата покажала единство како никогаш досега.
Клучните предизвици со кои се соочува Алијансата и натамошните чекори за зајакнување на одбранбените капацитети, но и приближувањето на Украина кон Алијансата ќе бидат клучните теми на кои ќе се осврнат лидерите на земјите членки на НАТО денеска и утре на Самитот во Вилнус.
Вкупно 48 странски делегации со 2400 членови, вклучувајќи 40 претседатели на држави и влади и над 150 високи официјални претставници се очекува да присуствуваат на дводневниот самит.
Покрај шефовите на држави или влади на членките на НАТО, меѓу кои и американскиот претседател Џо Бајден, на Самитот во Вилнус учествуваат и лидерите на Австралија, Нов Зеланд, Јапонија, Јужна Кореја, како и на Европската Унија.