За ВМРО-ДПМНЕ, индикативен е пожарот во кумановскиот суд, за кој сметаат дека значи оти власта се подготвува да замине и веројатно да успее да сокрие криминал.
„Индикативно е што сега и периодот претходно се случуваат пожари и поплави во јавни институции каде што страдаат документи и архиви. Власта се подготвува да замине и веројатно смета дека ќе успее да се сокрие криминалот. Секој криминал, индиции за криминал, но и наводни несреќи и индиции за наводни несреќи и пожари и поплави по смената на власта ќе бидат детално истражени. Одговорност ќе има“,
истакна портпаролот Наум Стоилковски, на новинарско прашање за коментар за пожарот.
Пожарот што синоќа изби во кумановскиот суд е локализиран, но не и изгаснат. Екипи на противпожарната бригада сè уште се на терен.
Според информациите од регионалниот Центар за управување со кризи, огнот избувнал час и половина по полноќ, а во гаснењето учествувале седум пожарникари со две противпожарни возила.
Претседателката на судот Снежана Манева, утрово во изјава за „360 степени“, вели дека проблемот е сериозен и дека пожарот сè уште не е изгаснат. Зафатени се подрумските простории е еден дел од судската архива.
Денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кажа дека експерти за криминалистички и технички испитувања и вештачења ќе ги испитуваат причините за инцидентот.
„Ги активиравме сите служби и веќе заминаа началници и раководители од Одделот за криминалистички и технички испитувања и вештачења од Скопје за да може да се направи увид и да видиме кои се причините и што точно е зафатено со пожарот“,
кажа Спасовски.