За прв пат од своето постоење во „Комунална хигиена“ се расчистува со криминалот и неработењето што било пракса во последните 30 години и иако ние нема да се повлечеме, сега е време на институциите да профункцинориаат бидејќи недозволиво е мафијаши кои имаат поддршка од политичари да ни ја водат државата, порача градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска
Скопските градоначалници мора да престанат да глумат инфлуенсери на скопските улици и треба да се фатат за работа бидејќи тие се власт во Градот Скопје и во државата и треба да постапуваат согласно нивните одговорности бидејќи крајно време е да престанат да си играат со нервите на скопјани и да си поигруваат со она што е државен интерес, рече градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска на денешната прес-конференција
„Коалицијата ДПМНЕ-СДСМ место како инфлуенсери да се сликаат по градските улици со нередот што го прават и политичките игри кои ги играат, да се зафатат со работа и да престанат да си играат со нервите на скопјани и да си поигруваат со она што е интерес, а тоа е да си функционираат институциите како што треба. Сите тие се власт во Градот Скопје и во државава, и треба да си постапуваат согласно нивните одговорности а не да глумат инфлуенсери, да излегуваат по градот, да се снимаат и да се сликаат него да фатат да работат. Нека си ги исчистат нивните населби првин, па после тоа нека кажуваат“,
рече Арсовска.
Жестоката реакција на градоначалничката насочена кон поглемиот дел на скопските градоначалници доаѓа откако тие денеска, на Советот на Скопскиот плански регион донесоа одлука со која побараа извештај од Град Скопје за актуелната ситуација со комуналната хигиена и нечистотата на улиците во главниот град, а воедно се заканија и со поднесување на кривична пријава против Арсовска за загрозување на здравјето на граѓаните.
Арсовска неколкупати повтори дека е крајно време да му се застане на патот на политиканството и мафијашките структури кои овие години менаџирале со претпријатието и не вовеле никаква реформа, туку напротив го користеле како место за вработување на партиски војници и место кое служело како „дувло“ на непотизам, бидејќи постојат случаи каде што од едно семејство се вработени дури 43 лица.
„Се обидуваат тие луѓе да им се закануваат и ги заплашуваат. Како што гледате ниту јас, ниту директорката, ниту било кој тука не е уплашен од нивните реакции“,
кажа Арсовска.
Како главен проблем за несогласувањата со лицата кои протестираа, Арсовска вели е нивното отпуштање од работа бидејќи голем дел од отпуштените се воделе како вработени, но живееле и работеле во Германија и западните земји, додека пак друга група на вработени, се пишувале дека работат трета смена за да земаат поголеми плати, а никогаш не се појавиле на работа во ноќните часови
„Ја напаѓате оваа жена, наместо сите институции да излезат и да го поздрават овој пример и да речат дека прв пат по 30 години независна Македонија некој се осмели да расчисти со партиски војници и вработувања за да немаме нефер однос кон граѓаните“,
рече Арсовска.
Во текот на целата прес-конференција, градоначалничката говореше со висок тон, на што реагираа новинарите дека таа не треба да покажува нервоза. На овие наводи од новинарите, таа одговори дека тие треба да застанат во одбрана на директорката бидејќи ги детектирала сите неправилности и кажа дека со тоа што застанува остро против криминалот, не значи дека изразува нервоза
„Таа постапи уште минатиот месец, пред 25 јуни, кога реагира соодветно, кога почна со сите постапки, па мафијашките структури одлучија да се пресметаат со неа. Јас не дозволувам никој да не манипулира тука, најмалку против жена, која се нафати со едно претпријатие со 1 400 вработени, кое било во заложништво на ликови, семејно поврзани, да се обиде ова да го испреврти и да ја направи виновна.“,
заклучи Арсовска.