Финиширање на градбата на штипската Клиника е императив за Владата бидејќи таа треба да се стави на сервис на голем број на луѓе не само во Штип туку и во целиот источен регион, па затоа Владата и Министерството за здравство ќе ја забрзаат постапката за изградба на објектот што требаше да биде пуштен во употреба пред две години
Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, денеска од Свети Николе најави дека Владата и ресорното министерство ќе работат на забрзување на постапката за изградба на новиот Клинички центар во Штип, што требаше да биде пуштен во употреба пред две години, но кој поради судски процеси и банкроти на фирмите кои работеа на изградбата, се одложи, а работата продолжи со многу побавно темпо од планираното.
Ковачевски рече дека Владата донела законска одлука со која ги задолжила надлежните министерства и институции да направат ревизија на целиот проект, односно да проверат до каде се изведени градежните работи и веднаш да се отпочне постапка за изнаоѓање на изведувач што ќе ја доврши Клиничката болница во Штип.
„Во меѓувреме, заради инфлацијата на градежните материјали и напредокот на техниката итн., проектот којшто имало веќе анекси потпишувани во минатото за него, исцрпени законските можности за продолжување на проектот по договорот којшто бил потпишан во минатото, а за кои се воделе судски постапки помеѓу компаниите вклучени во изведбата, на состанок помеѓу сите надлежни институции, и тука мислам од Јавно правобранителство до надлежните министерства и институциите коишто се вклучени во оценката на спроведувањето на процедурата“,
рече Ковачевски.
Градењето на новата штипска болница започна во 2016 г., а како резултат на бавното темпо на изградба, С Македонија изгуби 14 милиони евра кои беа кредитирани од страна на Банката за развој на Советот на Европа. По повлекувањето на Банката, единствен финансиер за градба на овој објект остана Владата на С Македонија.