На барање на министерот за здравство Фатмир Меџити, формирана е комисија за стручен надзор во врска со случајот со родилката, која скокна од првиот кат на Гинекологија, соопшти ресорното министерство.
Комисијата ја сочинуваат двајца гинеколози, психијатар, клинички психолог и претставник од Министерството и има задача да изврши надзор над стручната работа во ЈЗУ Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство во врска со лекарскиот третман на родилката.
„По добивање на извештајот од стручен надзор, јавноста ќе биде информирана за констатираната состојба. Исто така, ќе бидат преземени соодветни мерки согласно извештајот на ДСЗИ“,
соопшти Министерството за здравство.
Комисијата е формирана откако беше извршен вонреден инспекциски надзор од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ).
Надзорот на ДСЗИ покажал дека постојат пропусти во делот на прегледите кои биле побарани за родилката, од ГАК, пак, го тврдат спротивното – пациентката била посетена од стручно лице за ментално здравје.
Пациентката била примена во болница на 28 јуни, а се обидела да се самоубие на 2 јули. Во моментов, таа е во критична состојба на КАРИЛ.