ОБСЕ ќе ги стави на располагање своите капацитети за помош на земјите учеснички за спроведување на иницијативи и проекти, како и за спречување на поврзаните ризици по безбедноста и животната средина, вели претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи

Потребно е да се даде политичка поддршка на заложбите на ОБСЕ за ублажување на последиците од климатските промени затоа што тоа се фактори што влијаат на зголемување на несигурноста и во крајна линија директно се поврзани со безбедноста во поширокиот регион на ОБСЕ, смета претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи.
Тој на првата ОБСЕ Конференција за климатски промени, што денеска се одржува во Виена, рече дека климатските промени не само што создаваат видлива штета врз животната средина туку нивното сè повеќе видливо влијание се заканува и на стабилноста на нашите општества преку менување на севкупните услови за живот.
„Војните и конфликтите, руската воена агресија против Украина, дополнително ги влошуваат веќе сложените еколошки околности“,
рече Османи на отворањето на Конференцијата.
Потврда дека и во овие тешки времиња ОБСЕ посветено работи на ублажување на негативните ефекти од климатските промени е и назначувањето на Специјален претставник за климатски промени во рамки на претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ, рече Османи.
„Ваквиот нов пристап ќе обезбеди политичка поддршка на заложбите на ОБСЕ за ублажување на климатските промени и нивните последици. Уверен сум дека заедно можеме да успееме во вклучувањето на климатските активности во нашата секојдневна работа преку поттикнување на декарбонизација на нашите економии и градење поотпорни и климатски приспособливи општества“,
рече Османи.
Тој рече дека политичките определби мора да бидат поддржани со конкретна акција во сите димензии на ОБСЕ и од страна на сите земји учеснички. Токму затоа, рече Османи, Конференцијата е одлично место за споделување иновативни идеи и најдобри практики.
„Покрај тоа, ОБСЕ ќе ги стави на располагање своите капацитети за помош на земјите учеснички за спроведување на иницијативи и проекти, како и за спречување на поврзаните ризици по безбедноста и животната средина“,
рече Османи.
Османи, денеска во Виена, како што информираат од Министерството за надворешни работи, остварил средба и со американскиот специјален претставник за клима, Џон Кери на која разговарале за климатските промени и нивното влијае на безбедноста и стабилноста во целиот регион на ОБСЕ.
„Ставањето на ова прашање високо на агендата на ОБСЕ ја покажува посветеноста и подготвеноста на ОБСЕ за понудување на решенија. И Северна Македонија работи посветено на справување со предизвиците што ги носат климатските промени. Со поттикнување на регионалната соработка и спроведување на заеднички иницијативи, Северна Македонија има за цел да го ублажи влијанието на климатските промени и да обезбеди сигурна и одржлива иднина за сите земји учеснички“,
истакнал Османи на средбата.
Во наредниот период, според Османи, ОБСЕ ќе биде вклучена во спроведување на вредни проекти и иницијативи во оваа тематска област.
Османи го запознал Кери и со тековните активности на проектот поддржан од ОБСЕ за заштита на Шар Планина и Корабскиот масив и се заблагодарил за американската помош наменета за спроведување на проектот.