Владата на ДУИ и СДС не бира средства да ги сокрие скандалите и аферите кои се врзуваат за неа, а тоа го прават преку притисоци, закани, па дури и потиснување теми и бришење вести, обвинува ВМРО-ДПМНЕ.
„Јавноста вчера беше сведок на тоа кога една вест за концесијата за контроверзниот рудник беше тргната од онлајн изданието на еден медиум. Веројатноста дека тоа е направено под притисок на власта на ДУИ и СДС е огромна. Тие единствено имаат интерес вакви вести и информации да бидат сокриени од јавноста затоа што ја покажува целата нивната нетранспарентност и коруптивност. Медиумот објави дека владата „полутајно“ дозволила спојување концесии за рудникот во Иловица Струмичко, со што била дадена можност да се активира проектот за рудник против кој имаше големи протести, па дури и самата СДС правеше кампањи за негово неотворање“
велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата додаваат и дека проектот долго време беше стопиран, но откако една компанија, како што велат, блиска до структурите на ДУИ влезе со удел во овој проект, магично сите бариери почнаа да исчезнуваат, да исчезнува и уверувањето на СДС дека рудници во струмичко нема да има, но и мистериозно да исчезнуваат вести за оваа тема.
„Новинарот кој ја напишал оваа вест за активностите на владата во полутајна процедура за откочување на проектот поднесе отказ затоа што веста му била тргната спротивно на сите демократски и професионални стандарди. Кому пречела оваа вест? Дали Ковачевски се претвори во цензор кој забранува да се зборува за полутајните и матни постапки во неговата влада? Што крие Владата? Кој се јавувал и вршел притисоци? Очекуваме сите овие прашања Ковачевски, но и ДУИ и СДС да ги одговорат“
се наведува во соопштението.
Од опозициската партија велат дека цензурирањето вести е скандал исто колку што е скандалозна и самата тема што била забранувана. Според ВМРО-ДПМНЕ, скандалите кои досега излегоа во јавноста покажаа дека оваа власт на ДУИ и СДС е полна со корумпирани функционери и класични криминалци кои се спремни да направат сѐ за да дојдат до богатство, но и да направат сѐ за да го прикријат криминалот, од тргање вести, па дури и до посериозни нешта.
„Ние го осудуваме ваквото поведение на цензурирање на вести. Ги повикуваме еснафските здруженија на медиумите да го осудат замолкнувањето на истражувачкото новинарство, но во исто време медиумите да ја истражат темата која предизвикала толку голема нервоза кај големците од владејачките кругови. Кај што има чад, има и оган, кај што има цензура, сигурно има и притисок од страна на некој корумпиран функционер од Владата“
велат од ВМРО-ДПМНЕ.