По пречекот од Груби на скопскиот аеродром, албанскиот премиер Еди Рама со највисоки државни почести беше пречекан и од премиерот Димитар Ковачевски пред платото на Владата. Во моментов во тек е тет-а-тет средба на двајцата премиери, по што ќе следува билатерална средба на двете делегации. По средбите, Ковачевски и Рама ќе одржат заедничка прес-конференција
Албанскиот премиер Еди Рама утринава пристигна во Скопје во рамки на неговата официјална посета на земјава.
Северна Македонија е првата станица од дводневната балканска турнеја на Рама низ земјите од Западен Балкан.

По пристигнувањето на скопскиот аеродром, албанскиот премиер беше пречекан од првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците во земјава, Артан Груби.
„За да го продолжиме заедно нашето чекорење кон заедничкиот хоризонт на развој и европска интеграција, денес на Меѓународниот аеродром во Скопје, со најголемо задоволство го пречекав претседателот на Владата на Република Албанија, Еди Рама“,
напиша првиот вицепремиер на социјалните медиуми.

По пречекот од Груби на скопскиот аеродром, Рама беше пречекан и од премиерот Димитар Ковачевски пред платото на Владата со највисоки државни почести.
„Денешниот ден е уште една можност за отворен разговор во насока на зацврстување на соработката и добрососедските односи, особено во контекст на нашиот европски пат, што е секако значајно за просперитетот на двете земји и за граѓаните. Нашиот фокус е да градиме економски силни и безбедни држави“,
напиша Ковачевски на Фејсбук по доаѓањето на албанскиот премиер.

Во моментов во тек е тет-а-тет средба на премиерите, по што ќе следи билатерална средба меѓу македонската и албанската делегација. Потоа, Ковачевски и Рама ќе одржат заедничка прес-конференција.
По Скопје, Рама заминува за Приштина каде што ќе се сретне само со претседателката на Косово, Вјоса Османи, откако премиерот Албин Курти одби средба со него.
Следна станица е Сараево каде што албанскиот премиер ќе има средба со претседавачката со Советот на министри на БиХ, Борјана Кришто. Рама ќе ја заокружи балканската турнеја со посета на Подгорица и Белград каде што ќе одржи средби со црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ и со српскиот претседател Александар Вучиќ.