Уставните измени се срцето на т.н. европски компромис постигнат минатата година. Целиот процес е тежок и на некој начин болен за Македонија, вели Денков
Премиерот на Бугарија, Николај Денков, смета дека Софија испраќа многу погрешни сигнали кон Скопје. Тој тоа му го рекол и на германскиот канцелар Шолц. Вели дека истиот став им го пренел и на повеќето од европските колеги со кои се сретнал откако стапил на функцијата.
„Имав разговори со премиерот Шолц и јасно му реков. Видете мислам дека испраќаме погрешни сигнали кон Северна Македонија. Имаме многу јасна основа за нашите односи и тоа е посочено во постигнатиот ’европски компромис’. Секој обид да се излезе од него само ќе го попречи процесот. Затоа, ајде да се вратиме на таа основа и да работиме заедно за нејзина реализација“,
им рекол Денков на колегите.
Во интервјуто објавено на фејсбук-страницата на бугарската влада, премиерот Денков нагласува дека вистинскиот „слон во собата“ се уставните измени кои треба да ги усвои Северна Македонија.
„Во моментов решавачкиот чекор е целосно кај Република Северна Македонија. За да почнат преговори за пристапување на земјата во Европската Унија, тие мора да го променат својот Устав. Очигледно, ова е тежок процес за нив и на некој начин болен. Тие треба да го направат тоа бидејќи тоа е во срцето на т.н европски компромис од минатата година, врз основа на францускиот предлог. Ништо повеќе не се бара од нив. Прашањето е дали се подготвени да поминат низ овој процес. Ние стриктно ќе ги следиме овие услови, овие инструкции кои се дадени во т.н европски компромис, кои се поврзани со заштитата на граѓанските права на луѓето со бугарски идентитет“,
рече тој коментирајќи ги односите меѓу Скопје и Софија.

Денков изразува жалење бидејќи биле забавени т.н. секторски преговори кои минатата година ги отпочнаа кабинетите на Петков и на Ковачевски.
„Минатата година ние почнавме со некои секторски преговори, но нив во моментот ги нема, затоа што имаме застој во другата насока. Подготвени сме да продолжиме со работата на коридорите, на зголемување на трговската размена, културната размена, но без да се реши клучниот проблем не можеме да очекуваме сериозни резултати. Од наша страна отворени сме за сè што е позитивно ќе иницирам и некои нови работи, имаме идеи како да продолжиме, но вистинскиот ’слон во собата’ е кога тие ќе можат да ги направат измените во Уставот“,
вели премиерот на Бугарија, Николај Денков.