Чистењето на малата депонија со линдан во ОХИС продолжува со ремедијација на лот 3, со кој ќе се отстранат 525 тони линдан и 210 тони на земја контаминирана со линдан, информираат од МЖСПП

Нови 210 тони контаминирана земја со линдан се спакувани и подготвени во наредните два месеца да бидат транспортирани во Франција. Исто така, и ископани и спакувани се 231 тон линдан, од кој околу 80 тони уште во текот на вчерашниот ден се извезени на уништување во Франција. Се работи за контаминирана земја која е ископана од малата депонија во ОХИС.
„Чистењето на малата депонија со линдан во ОХИС продолжува со ремедијација на лот 3, со кој ќе се отстранат 525 тони линдан и 210 тони на земја контаминирана со линдан“,
информираат од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП).

Од Министерството за животна средина и просторно планирање велат дека како подготвителна активност на ископот и пакувањето на опасниот отпад, на 9 јуни 2023 година е донесено решение за одобрување на планот за ремедијација за третиот лот кој е доставен од страна на изведувачот на чистењето, компанијата „Полиеко“ (Polyeco), по што од 12 јуни 2023 година, како што информираат од МЖСПП, продолжила со работа.
Според Министерството, во претходниот период, како резултат на активностите поврзани со чистење на првите два лота од малата депонија со линдан во ОХИС, се извезени и уништени 957 тони линдан и 127 тони на земја контаминирана со линдан.

