Силни и поројни врнежи од дожд околу 15 часот попладнево ја зафатија Струмица, а според информации од Центарот за управување со кризи, поплавени се повеќе улици, подруми и дворови. Од ЦУК информираат дека поплавена е улицата „Браќа Минкови“, каде што во две куќи има навлезено вода во долниот кат, а поплавени се и неколку дворови и подруми.

Од невремето биле поплавени и повеќе подруми од куќите на улиците „Ѓорги Василев“, „Иљо Шопов“ и „Младинска“.

Од ЦУК велат дека екипите на Комуналец и ТППЕ Струмица се на терен со сите расположливи сили и ќе постапуваат по пријавите од граѓаните.
Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, на Фејсбук објави дека водата од најголемиот дел од улиците е повлечена за брзо време, a во градот и во населените места нема посериозни материјални штети. Досега стигнале 40-ина пријави од граѓани за поплавени подруми и дворови.