Силен дожд и невреме попладнето ја зафатија Битола. Поплавени се повеќе улици во градот, а сообраќајот се одвива отежнато. Под вода се населбата Баир, како и делови од Илинденска, Дебарска, Козара, Димитар Влахов, јавува порталот „Апла.мк“. Нивните репортери информираат дека се поплавени визби, гаражи, продавници, дворови, а сопствениците поставуваат импровизирани браници за водата да не им навлезе во домовите.
Невремето го принуди градоначалникот Тони Коњановски да свика вонредна седница на Општинскиот кризен штаб, која е во тек. Од локалната самоуправа најавија акција на јавните комунални претпријатија, справување со состојбата по обилниот дожд што престана да врне, но најверојатно предизвика штети кои ќе бидат регистрирани.
„Општина Битола ќе ги стави на располагање сите расположливи ресури и сум во постојана координација и комуникација со надлежните институции, сѐ со цел санирање на последиците од интензивните врнежи на дожд“
изјави градоначалникот на Битола.
Битолските социјалдемократи попладнево го обвинија Коњановски дека состојбата на улиците по врнежите од дожд е резултат на неработењето на јавното комунално претпријатие.
„На дело се гледа неработењето на ЈП Нискоградба и на директорот Зоран Талевски! Нека не излегува градоначалникот Коњановски сега во чизми да ги обиколи погодените места. Тој и ДПМНЕ се најголемата непогода за Битола“,
велат од СДСМ Битола.