Честитајќи му за именувањето на новата позиција на грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Герапетритис, шефот на дипломатијата Бујар Османи, во телефонски разговор, изразил уверување дека и за време на неговиот мандат ќе продолжат стратешкото партнерство и плодната соработка со Грција, засновани на пријателство, меѓусебна доверба и разбирање.

Во фокус на разговорот, како што соопшти МНР, била билатералната соработка, ги реафирмирале заедничките заложби за унапредување на блиската соработка и одржувањето на позитивната динамика во односите и севкупната размена.
“Благодарни сме на Грција за цврстата и принципиелна поддршка за пристапниот процес за членство на нашата држава во Европската Унија“,
нагласил Османи.
Османи изразил и убеденост дека поддршката нема да недостига и во наредниот период, сѐ до целосно и успешно завршување на европскиот интегративен процес, велат од МНР и додаваат дека министрите разговарале и за најактуелните регионални и меѓународни теми, како и за соработката во рамките на ОБСЕ и Процесот за соработка во Југоисточна Европа, со кои претседава Северна Македонија.