Реакцијата на владејачкиот СДСМ за денешната изјава на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за случајот „Феникс“ е дека Христијан Мицкоски „застанал во одбрана на криминалите на ДПМНЕ.“

„Денеска целата македонска јавност сведочи дека Христијан Мицкоски наместо да побара одговорност за сите инволвирани во случајот Феникс застана во одбрана на криминалите на ДПМНЕ. Случајот и истрагата за `Феникс`, отворени од надлежно обвинителство, е само дел од ултра криминалот на ДПМНЕ преку `Скопје 2014`“,
пишува во соопштението на СДСМ.
Социјалдемократите обвинуваат дека на „грбот на народот ДПМНЕ переле пари преку спомениците“ и дека додека граѓаните осиромашувале тие се богателе.
„За Мицкоски не е проблем тоа што негови сопартијци се осомничени дека проневериле 57 милиони евра, пари на граѓаните, за 11 споменици од Скопје `2014`. 33 нови детски градинки ширум државата можеле да се изградат со 57 милиони евра, ама за Мицкоски тоа не е важно. Ова е само потврда, ДПМНЕ е криминална партија а по криминален споменик од Белата палата нема“,
велат од СДСМ.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ денеска изјави дека не гледа дело во предметот „Феникс“ за кој меѓу осомничените за злоупотреба на службената положба и за перење пари се експремиерот Никола Груевски, поранешните министри Зоран Ставревски и Елизабета Канческа-Милевска, ексградоначалниците на Општина Центар, Виолета Аларова и Владимир Тодоровиќ, експретседателот на Советот на Центар, Владимир Здравев… Одговарајќи на новинарско прашање при денешната посета на Кисела Вода, Мицкоски оцени дека „Феникс“ е продолжување на негирањето на македонскиот идентитет.