Според раководство на Универзитетската клиника за Гинекологија и акушерство (УК Гинекологија), со пациентката разговарал клинички психолог, биле следени неговите упатства а и била дадена и „соодветна терапија“
Пациентката била примена во болница на 28 јуни а се обидела да се самоубие на 2 јули. Во моментов, таа е во критична состојба на КАРИЛ
Вечерта на 28 јуни, во Универзитетската клиниката за гинекологија и акушерство, била примена 39 годишна бремена жена. Била во последниот триместар од бременоста, односно 36-тата гестациска недела, а причината за јавувањето на клиниката било крварење. Според болницата, пациентката била веднаш прегледана во амбулантата за итни случаи и било утврдено дека се работи за предвремено одлепување на постилката. Состојба, според докторите, која витално го загрозува плодот и сериозно го загрозува здравјето на мајката.
„Пациентката веднаш е примена во родилната сала и по кусата предоперативан подготовка, по само 14 минути од приемот е породена со царски рез во 21:30 часот, при што е добиено живо машко дете во задоволителна кондиција“,
изјави денеска организицискиот директор на УК за Гинекологија и акушерство, Јетон Шаќири.
Според раководството на болницата, на 30 јуни пациентката се пожалила на вознемиреност и бил извршен разговор со клинички психолог. Потоа, била следена „согласно дадените препораки“. На 1 јули, велат од Гинекологија и акушерство, пациентката немала „особени тегоби“ и имала уреден гинеколошко-акушерски статус.
Следниот ден, работите повторно се промениле
„На ден 2 јули, на утринската визита, пациентката се пожалила на слична симптоматологија како и на ден 30 јуни, при што дежурните лекари извршиле разговор со неа. Ординирана е соодветна терапија и донесена е одлука за подобра проценка на состојбата, пред испис да се повика психијатар.
Во понатамошниот тек од денот, според организицискиот директор, дежурната екипа продолжила со дневните активности, без дополнително влошување на состојбата на родилката. Се до подоцна вечерта.
„Ноќта, околу 21:30 часот, пациентката од болничката соба се упатила кон ходникот и преку прозорецот од ходникот направила обид за суицид, фрлајќи се од првиот кат. Пациентката итно е пренесена на КАРИЛ во придружба на дежурната екипа а немилиот настан е веднаш пријавен во надлежните институции кои излегоа веднаш на терен“,
Една од 10 родилки има психолошки проблем
Организицискиот директор на УК Гинекологија ја даде својата изјава читајќи претходно подготвен текст. Меѓу првите прашања на дел од присутните новинари беше – дали се размислува да се затворат прозорите на клиниката за да се спречат вакви настани.
Директорот Шаќири кажа дека тоа не е опција, а на него се надоврза и директорката, Викторија Јовановска. Кажа дека по немилиот настан се распрашале и не наишле на пример за гинеколошко-акушерска болница со блокирани прозори.
Додаде и дека тоа е светска пракса иако се знае дека дел од родилките страдаат психолошки непосредно по породувањето.
„Секаде во светот е познат фактот дека 1 од 10 породени пациентки има некое мало психолошко пореметување, да не повредиме никој. Меѓутоа никаде прозорите не се барикадирани и не се затворени. Не можеме ние да ги чуваме пациентките во затворен простор како да ни се затвореници“,
изјави Викторија Јовановска.
На понатамошните прашања на новинарите, Јовановска кажа дека 39 годишната жена е во исклучително тешка состојба на КАРИЛ. Сепак, таа одби да каже дали пациентката имала претходни здравствени проблеми, како што објасни, на барање на семејството. Не даде повеќе детали и дали со пациентката стигнал да разговара психијатар, како што организицискиот директор прочита дека заклучиле на УК Гинекологија, пред пациентката да биде пуштена дома.
„Тука немала некои посебни психички проблеми пациентката, освен што била лесно вознемирена, не сакала да го дои бебето, што не е прват, не се случува првпат. Тоа е многу чест случај. И затоа разговаравме со директорот на психијатрија и со неговите вработени, да направиме една заедничка средба, да може да доаѓа психијатар, меѓутоа тоа сепак е табу тема и не знам како ќе го прифатат пациентките“,
изјави Јовановска.