Петкова „влезе во процедура“ како предлог на Собранието, кое според Законот за советот на јавните обвинители избира четворица од вкупно 11 члена на Советот за јавни обвинители
Сега адвокатката, има работено и како јавен обвинител во Гевгелија, во периодот 2003-2009 година, но била искористена тогашната законска можност да не и биде продолжен мандатот, изјави Петкова за „360 степени“
Собраниската комисија за прашања на изборите и именувањата ја утврди Кети Петкова како предлог за член на Советот на јавни обвинители. Станува збор за адвокатка од Гевгелија.
За неа седум гласа „за“ даде владејачкото мнозинство, додека единствената пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ, Ели Панова, ја напушти седницата, па немаше ниту еден против, ниту воздржан.
„Нека ви е со среќа реформата во правосудството со вакви кадри“,
кажа Панова на почетокот на седницата на Комисијата и ја напушти салата.
„Thank you very much“,
ѝ возврати неформално пратеникот Горан Мисовски.
Во следните нецели пет минути по отворањето на седницата следуваше гласање, констатирање на резултатот и затворање на комисиската седница. Следен чекор е утврдениот предлог да помине на „пленарка“.

Во медиумската какафонија околу изборот на членови на Советот на јавни обвинители се пишуваше дека и Петкова била вработена во Специјалното јавно обвинителство – информација што таа лично ја демантира.
„Не е точно дека сум била вработена во Специјалното јавно обвинителство, веројатно ме помешале медиумите со друга кандидатка. Јас од 1993 до 2003 работев во Основниот суд во Гевгелија, потоа од 2003 до 2009 како јавен обвинител, но тогаш се даде можност и да не се продолжи мандатот на обвинителите што и се случи. Еден од колегите од нашата група кој исто како и на мене не му го продолжија мандатот тогаш, тужеше во Стразбур и се спогоди со државата. Неговиот епилог беше мотив да аплицирам и за член на Советот на јавни обвинители, инаку досега работев како адвокатка“,
вели Петкова за „360 степени“ и потенцира дека никогаш не била член на ниту една партија.

Претходно, собранискиот филтер го помина и кандидатката Светлана Жупановска, а со неа и со изборот на Петкова, треба да се пополнат две празни места во Советот на јавни обвинители, поради пензионирања.
ВМРО-ДПМНЕ и за Жупановска обвинуваше дека не исполнува ниту еден услов за да биде член на Советот на јавни обвинители. Тврдеа дека таа била стручна соработничка во суд, а потоа и советник за огласи и вработувања на Катица Јанева во СЈО (2016-2018 г.), што сметаат дека е спротивно на законот за Советот на јавни обвинители, со кој е уредено дека членовите што ги избира Собранието се од редот на универзитетски професори по право, адвокати или други истакнати правници.
Јолевски: Советот се движи околу границата за кворум
Претседателот на Советот на јавни обвинители, Антонио Јолевски, не ги коментира кандидатите. Вели дека поради пензионирање на два члена (Ангел Солев и Љупчо Ивановски), Советот работи со деветмина, наместо со единаесет луѓе. Забележува дека огласите се распишани од поодамна, а се случува Советот да е мета на критики во јавноста дека одложува седница, за што причина понекогаш е немањето кворум.
„Полниот состав дава и поголема можност за работа. Сега сме девет члена, но за одредени прашања, како избори и разрешувања, на пример, границата за кворум е осум. Значи, ние цело време се движиме околу границата за кворум, а се случува некој да е отсутен, болен, да користи одмор… Во крајна линија, повеќе глави – повеќе мислења. Порелаксирано е Советот да работи во полн состав“,
вели Јолевски за „360 степени“.

Советот на јавни обвинители ги избира и разрешува јавните обвинители, одлучува за утврдување на нестручно и несовесно вршење на функцијата, го определува бројот на јавните обвинители во јавните обвинителства со одлука, ја следи работата на обвинителите врз основа на оцената за нивната работа согласно со Законот за јавното обвинителство итн.