По одржана редовна седница на Советот, Народната банка оценува дека банкарскиот сектор е стабилен и дека соодветно се справува со тековните предизвици.
Оттаму, сепак, посочуваат дека опкружувањето и натаму е неизвесно како резултат на глобалните фактори и проследено со сѐ уште високи, иако намалени, стапки на инфлација и затегнување на финансиските услови.
„Заклучно со крајот на првиот квартал од оваа година, депозитите од домаќинствата и корпоративниот сектор на годишна основа забележаа забрзан раст, додека растот на кредитите беше помал. Во услови на задржана доверба во банкарскиот систем, депозитите забележаа забрзан годишен раст до нивото од 7,8%, a особено карактеристични се поволните поместувања кај долгорочните депозити, коишто по подолгиот период на намалување, во првиот квартал забележаа раст на годишна основа. При извесно затегнување на финансиските услови, годишниот раст на кредитирањето забави и изнесуваше 6,4%“,
се вели во соопштението на Народна банка.
Според Народна банка, и показателите за ликвидноста се на задоволително ниво.
„Стапката на покриеност со ликвидност на банкарскиот систем е на значително повисоко ниво од регулаторниот минимум и го потврдува задоволителниот обем на ликвидност со кој располага македонскиот банкарски систем. Резултатите од стрес-тестовите упатуваат на задоволителна отпорност на банкарскиот систем на претпоставените екстремни, поединечни и комбинирани ликвидносни одливи“,
наведуваат оттаму.
