Ковачевски, велат од ВМРО-ДПМНЕ, треба да излезе и да каже, доколку се охрабри, дали компанијата на кланот од Зајас, односно децата на Ахмети добиле гаранција за дозвола за изградба на 60 мегават-часа фотоволтаична централа и дали тој или кој било друг од власта разговарал со кланот Ахмети за државни средства за изградба на фотоволтаична централа преку јавно приватно-партнерство

Од ВМРО-ДПМНЕ и денеска продолжуваат со обвинувањата за лидерот на ДУИ, Али Ахмети и, како што велат, кланот од Зајас. Преку соопштение велат дека кланот од Зајас го сочинуваат најблиски роднини на лидерот на ДУИ, Али Ахмети и додаваат дека постои основан сомнеж дека благодарение на политичката позиција на Ахмети во власта овој клан енормно се богати.
„Последниот од низата скандали за овој клан сочинет од Шкумбин, Дрин и Бесијан Ахмети е изградбата на фотоволтаична централа од 60 мегавати во Кичево, вредна 35 милиони евра. Овие луѓе, за кои нивни сограѓани тврдат дека до пред некое време едвај преживувале, сега станаа главни акционери, инвеститори, иноватори и претприемачи во Македонија, додека стотици илјади други граѓани, Македонци, Албанци, Турци, Срби едвај врзуваат крај со крај во месецот“,
се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Децата на Ахмети, додаваат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, формирале компанија „Хелиос“ и побарале кредит од една банка за изградба на фотоволтаична централа за која навеле дека имаат дозвола од страна на државните институции и дека веќе договориле и државни средства за јавно приватно партнерство за централата. Ова, според ВМРО-ДПМНЕ, значи дека кланот од Зајас обезбедил барем усмена гаранција од страна на власта на Ковачевски дека нивниот бизнис ќе биде реализиран, а според информациите од свиркачи и со финансиска помош од државата.
„Ковачевски треба да излезе и да каже, доколку се охрабри, дали компанијата на кланот од Зајас, односно децата на Ахмети добиле гаранција за дозвола за изградба на 60 мегават-часа фотоволтаична централа и дали тој или било кој друг од власта разговарал со кланот Ахмети за државни средства за изградба на фотоволтаична централа преку јавно приватно партнерство“,
прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Знаеме, се вели во партиското соопштение од ВМРО-ДПМНЕ, дека Ковачевски е кираџија во владата и дека секој став му зависи од тоа дали ќе му го дозволат газдите од Зајас, но очекуваме дека барем овој пат ќе се охрабри и ќе излезе во јавноста со конкретни одговори.
„Криење зад флоскули или дефокусирање со стари теми нема да му помогнат. Криминалот и корупцијата на луѓето блиски до владата на СДС и ДУИ е епски и затоа мора да има одговорност“,
додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, вчера на прес-конференција, повикувајќи се на документи добиени од свиркачи, обелодени дека синот на Али Ахмети, Шкумбин Ахмети, заедно со двајцата внуци, Дрин и Бесијан Ахмети, влегуваат во бизнис за изградба на фотоволтаична централа од 60 мегават-часа која ќе биде во јавно-приватно партнерство со државата.
За изградба на централата која ќе ја градат во реонот на Кичево, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ, фамилијата Ахмети се обратила во банка велејќи дека им е потребна финансиска конструкција од 35 милиони евра.
Од партијата вчера, пак, преку писмено соопштение обвинија дека внукот на Али Ахмети, 24-годишниот Дрин Ахмети, лани добил 82 илјади евра од државниот Фонд за иновации и технолошки развој – истата година кога, како што велат, на чело на ФИТР застана кадар на ДУИ. На наводите на ВМРО-ДПМНЕ реагираше Фондот за иновации и технолошки развој.
Во писмената реакција која ја објавија на својот фејсбук-профил, од ФИТР наведуваат дека компаниите „Тор индустрис“ и „Еверест ЏД“ се добитници на финансиска поддршка под инструментот „Кофинансирани грантови за технолошки развој за забрзан економски раст”. Повикот за поднесување предлог-проекти за финансирање под овој инструмент, додаваат од ФИТР, е со цел да се создадат услови за надминување на последиците од економската криза и да остварат забрзан раст преку воведување иновативни, зелени и дигитални технологии.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека во наредниот период во јавноста ќе изнесуваат уште информации за бизнисите на, како што велат, кланот од Зајас.
На обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ вчера првиот човек на владејачката ДУИ, Али Ахмети, по гласањето на внатрепартиските избори во Кичево, ги повика државните институции, доколку имаат сомнеж, да поведат истрага и против неговиот внук Дрин Ахмети, за кого медиумите открија дека е сопственик на една од компаниите која го купува Бизнис-центарот „Соравија“ во Скопје.
