Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, вели дека субвенциите треба да се добиваат согласно приходот на одредено домаќинство
Во интервјуто за ТВ Сител тој говореше и за фактот дека веќе работи со истечен мандат но и дека е еден од вкупно 17 кандидати за позицијата
Повеќе од една недела, Марко Бислимовски ја води Регулаторната комисија за енергетика со истечен мандат. Нема ништо незаконско во ситуацијата бидејќи законот предвидува агенцијата да ја води старото раководство се до изборот на ново.
Но, доцнењето секако ја отвора дилемата – што е проблемот па изборот не е навреме извршен?
Можеби со нешто поинакви зборови, но со ова прашање вечерва беше соочен токму Бислимовски, на гостувањето на ТВ Сител. Тој ги објасни процедурите, а за доцнењето се обиде да ја оправда владата – дека секогаш било така.

„Според Законот за енергетика, додека не се избере нов член или нов претседател, постоечкиот си ја врши својата функција. Имаше конкурс во април, јас конкурирав, па ќе видиме сега. Очекуваме постапките внатре во владата да продолжат, да се соберат. Се доцнело речиси секогаш.
Има експеретска комисија. Треба прво да се помине тој филтер, па понатака таа експертска комисија дава предлози до Владата, па Владата понатака до Собранието“,
одговори Марко Бислимовски.
Клучна тема во интервјуто, сепак, беше цената на електричната енергија во земјава. Бислимовски објаснуваше дека граѓаните, односно домаќинствата во земјава, плаќаат најевтина струја во Европа, т.е. најевтина после Србија. Но, бидејќи таа цена се постигнува со тоа што Владата ги субвенционира Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) директно од буџетот (за купување јаглен, мазут, покривање загуби), се наметна прашањето – дали е фер сите домаќинства да добиваат субвенции?
Бислимовски кажа дека тој лично, има на ум друг метод на субвенции.
„Да се оди со концепт – кое домаќинство има најмал приход, тоа да добие субвенции и помош од државата бидејќи има домаќинства на кои апсолутно не им треба никаква помош. За тоа е потребно да се определи и да се оди чекор по чекор – од Управата за јавни приходи да се преземат податоци, колкави се приходите на едно домаќинство и домаќинствата со најмали приходи да добиваат најголема помош. Како растат приходите на домаќинствата, до одреден лимит, таа помош ќе се намалува. И ако се анализира насекаде во Европа, кадешто постои помош за ранливи категории на потрошувачи, е прифатен овој концепт“,
изјави Бислимовски.
Во интервјуто тој кажа дека тој модел, само делумно, веќе се применува кај нас. Но, дека треба да се прошири и прилагоди.
„Во моментов, во државата, субвенции за електрична енергија добиваат сите они што примаат социјална помош и дополнително од минатата година, таа листа на ранливи категории на потрошувачи е зголемена и за пензионери од прва категорија. Но, сметам дека таа листа треба да биде поголема бидејќи има и домаќинства кадешто имаат помали плати и такашто концепски треба цел овој процес да го завршиме. Бидејќи, факт е сега дека субвенциите коишто се добиваат за електрична енергија завршуваат кај сите граѓани. Но, треба да се направи во наредниот период, јасна разлика на кој треба да му се помогне, а на кој не“,
изјави Бислимовски.
Во интервјуто, Бислимовски објасни и зошто се враќа дневната евтина тарифа од 1 декември 2023 година. Според него, со растот на капацитетите на обновливи извори на енергија, цената на струјата сега е најевтина токму во попладневните часови. Поради тоа, вели првиот регулатор, добро би било граѓаните да се стимулираат да трошат токму во тој период, а ЕСМ да откупува електрична енергија од се поголемиот број приватни фотоволтаични или ветерни електрани. Индиректно, додаде Бислимовски, на тој начин ќе се заштеди и јагленот и водата во хидроцентралите за периоди кога ќе бидат незаменливи.
