Фондот за иновации во писмената реакција наведува дека компаниите „Тор индустрис“ и „Еверест ЏД“ се добитници на финансиска поддршка под инструментот „Кофинансирани грантови за технолошки развој за забрзан економски раст”. Сепак, додаваат оттаму, истиот претприемач има поднесено предлог-проекти под други инструменти за поддршка од Фондот, но истите се одбиени од страна на Комитетот за одобрување на инвестиции
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска преку писмено соопштение обвини дека внукот на Али Ахмети, 24-годишниот Дрин Ахмети, лани добил 82 илјади евра од државниот Фонд за иновации и технолошки развој – истата година кога, како што велат, на чело на ФИТР застана кадар на ДУИ.

„На 10 мај 2022 година две фирми на Дрин Ахмети, ‘Тор индустрис’ и ‘Еверест ЏД’ добиле 82 илјади евра државни пари за кофинансирање на иновации. Патем, Фондот од јануари 2022 година го води кадар на ДУИ, Фестим Халили, кој според фотографиите кои излегоа во медиумите важи за близок пријател со семејството на Дрин Ахмети“,
се наведува во соопштението на опозициска партија.
ВМРО-ДПМНЕ во соопштението додава дека од толку многу млади и иновативни луѓе во земјава, институцијата која е водена од кадар на ДУИ му доделила пари на внукот на лидерот на оваа партија. За ова, велат од партијата, мора да има одговорност и реакција од надлежните институции.
Во меѓувреме, на наводите на ВМРО-ДПМНЕ реагираше Фондот за иновации и технолошки развој.
Во писмената реакција која ја објавија на својот фејсбук-профил, од ФИТР наведуваат дека компаниите „Тор индустрис“ и „Еверест ЏД“ се добитници на финансиска поддршка под инструментот „Кофинансирани грантови за технолошки развој за забрзан економски раст”. Повикот за поднесување предлог-проекти за финансирање под овој инструмент, додаваат од ФИТР, е со цел да се создадат услови за надминување на последиците од економската криза и да остварат забрзан раст преку воведување иновативни, зелени и дигитални технологии.
Сепак, додаваат оттаму, истиот претприемач има поднесено предлог-проекти под други инструменти за поддршка од Фондот, но истите се одбиени од страна на Комитетот за одобрување на инвестиции, кој е составен од пет светски експерти.
„Тоа значи дека секоја компанија која не ги исполнува критериумите за подобност на апликант и добил негативна оценка од страна на Комитетот за одобрување на инвестиции, нема да биде одобрен за финансирање од страна на Фондот за иновации и технолошки развој“,
се додава во реакцијата на ФИТР.
Оттаму додаваат дека Фондот за иновации е единствена институција во државата која има сертификат ISO: 31007 за борба против корупција, а сите пријавени компании поминуваат процес на претселекција спроведена од три домашни стручни лица од 22 области на експертиза.
