По вчерашното силно невреме кое го зафати Скопје, УХМР и за денеска прогнозира дека главниот град ќе биде зафатен од пороен дожд, грмежи и засилен ветер, а во делови од котлината ќе има услови за краткотрајно невреме
Променливо облачно со повремени сончеви периоди, но и нестабилно со локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Вакво време, според Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), нѐ очекува денеска во земјава.
На места се можни поинтензивни процеси во форма на невреме со интензивен пороен дожд, силен ветер и град.
Минималните температури ќе се движат во интервал од 12 до 19 Целзиусови степени, а максималните ќе достигнат од 20 до 32 степени. УВ-индексот ќе изнесува седум.

Во Скопје времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, но повремено и нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во делови од скопската котлина, според УХМР, ќе има услови за краткотрајно невреме.
Минималната температура во главниот град ќе изнесува 18 степени, а максималната ќе достигне 29 степени.
Вчера попладне Скопје беше зафатено од кратко, но силно невреме со пороен дожд, силен ветер и грмотевици кое предизвика поплави на подрумски објекти и улици, а беа откорнати и неколку дрвја. Во невремето не се предизвикани поголеми штети и нема пријави за повредени граѓани.
Од понеделник ќе има преодно стабилизирање на времето, но во наредните денови се очекува повторна дестабилизација на времето и ќе има услови за појава на локално невреме.
