Тој потенцира дека донесувањето на уставните измени е процес што не треба да се избрзува, но треба да се направи брзо
Уставните измени ќе влезат во Собранието тогаш кога ќе биде оценето од страна на Владата. Овој процес нема да застане и ќе оди во парламентарна процедура. Убеден сум дека македонските пратеници, независно од која партија доаѓаат, ќе ја донесат одлуката која обезбедува европска иднина на граѓаните. Најдобро е уставните измени да се донесат со поддршка на сите политички партии, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски.
„Ова не е процес на еден човек, на една партија или на една влада, туку широк општествен процес со кој се обезбедува европска иднина за државата и граѓаните. Овој процес не може да биде заложник на политичка кариера на еден човек. Политичар може да реши да ја зароби својата партија, да бара нотарски изјави, па потоа тие да не важат, да бара потпишувања, но не може да зароби цела држава и иднина на цели генерации. Ако ние овие одлуки ги донесевме пред 25 години и ако спорот со Грција беше решен пред 25 години, земјава денес ќе беше заедно со Хрватска, членка на ЕУ, дел од шенген зоната и држава во која валута е еврото. Поради неносење одлуки, поради немање храброст, денеска сме во ситуација се уште да решаваме прашања од минатото. Нам ни се потребни политичари кои носат решенија за иднината, а не политичари кои постојано зборуваат за минатото. Решенијата се денес за иднината. Секое неносење одлука денес, значи изгубени нови 20 години утре“,
изјави Ковачевски.
Тој потенцира дека донесувањето на уставните измени е процес што не треба да се избрзува, но треба да се направи брзо.
„Ни треба брз, но не избрзан процес, ни треба атмосфера која ќе биде конструктивна. Атмосферата и станува поконструктивна, обвинувањатаа за бугарзицаија, асимилација, за губење на македонскиот јазик и идентитет се веќе демантирани. Сите обвинувања на Левица поддржана од ВМРО-ДПМНЕ паднаа во вода“,
нагласи премиерот.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчера во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 ТВ рече дека откако по лидерската средба со премиерот Димитар Ковачевски на 7 јули не слушнал која од двете понуди што ги дал ја прифаќа СДСМ, сега останува само опцијата за избори.
„Двете опции кои ги понудив на лидерската средба беа на маса до овој момент, до оваа емисија сè уште не слушнав одговор од страна на Ковачевски која од двете опции ги прифаќа, дали првата со одложено дејство па да видиме, или втората предвремени парламентарни избори. Од денеска има само една опција на маса, а тоа е предвремени парламентарни избори“,
рече Мицкоски во емисијата.
