Трендафилов беше избран за нов претседател на ССМ на денешниот Конгрес што се одржа во Скопје, како единствен кандидат за претседателското место на Сојузот. Тој доаѓа на местото на Дарко Димовски кој почина во првата половина на месецов

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) од денеска ќе го предводи Слободан Трендафилов.
Трендафилов беше избран за нов претседател на ССМ на денешниот Конгрес што се одржа во Скопје, како единствен кандидат за претседателското место на Сојузот.

Конгресот почна со едноминутно молчење во знак на почит кон претходниот претседател на Сојузот на синдикати, Дарко Димовски, кој почина во првата половина на јуни годинава.
Димовски почина на 45-годишна возраст по кратко боледување.
Колегите, соработниците и работниците, порачаа тогаш од ССМ, ќе го паметат како голем борец за работничките права кој остави белег во синдикалното и работничкото движење на Македонија.
Димовски беше на чело на ССМ од 2017 година – позиција за која се кандидира од претседателското место во Синдикатот на работниците од угостителството, туризмот, комунално-станбеното стопанство, занаетчиството и заштитните друштва на РМ (СУТКОЗ).
