Во моментот кога завршува скрининг-процесот, се прават извештаите и се закажува без никакво одложување втората меѓувладина конференција. До нејзиното одржување треба да бидат направени уставните амандмани, тоа е многу јасно. Нивното стапување во сила значи треба да биде на денот на одржувањето на втората меѓувладина конференција или еден ден пред тоа, меѓутоа не после тоа, вели премиерот

Предлог-иницијативата за уставни измени иако речиси еден месец е во Владата каде што Министерството за правда ја испрати на понатамошно разгледување, сè уште не е ставена на дневен ред на владина седница каде што треба да се усвои и да се достави до Собранието. Според премиерот Димитар Ковачевски, ова е процес со кој не треба да се брза и треба да помине една широка општествена дебата.
„Затоа со министрите за правда и за евроинтеграции имавме средби со невладини организации, но и со политичките партии. За овој процес имав средба и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на која лидерска средба беа прифатени сите барања кои ги имаше Мицкоски. Од таа причина сметам дека треба да се даде простор да тој процес кај нив се усогласи и да може да се приклучат кон процесот на носење на уставните измени“,
рече Ковачевски денеска во Берлин одговарајќи на новинарско прашање до каде е постапката за носење на уставните измени.
Говорејќи во тој контекст, премиерот повторно истакна дека на лидерската средба со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, опозициската партија се согласила да има уставни измени, да станат дел од Владата и да гласаат за уставните измени во парламентот, а дека единственото нивно барање било измените на Уставот да бидат со одложено дејство. Ковачевски рече дека и тоа е прифатливо, но во согласност со преговарачката рамка, која, како што истакна, е многу децидна и јасна.
„Уставните измени да важат на денот на одржувањето на втората меѓувладина конференција, што секако е прифатливо и за ЕУ, бидејќи тие на тоа се согласиле во преговарачката рамка. Сè надвор од тоа е нешто што не треба да се преговара кај нас туку треба да се преговара во ЕУ. Кога ќе отидете во ЕУ и кога ќе се вратите тогаш сфаќате дека договор со 27 земји членки не се постигнува така лесно и дека е многу важно да ја имате поддршката и гаранцијата на најголемите земји членки како Германија и Франција“,
додаде Ковачевски.
Уставните измени, рече Ковачевски, ако влезат во сила еден ден пред да се одржи втората меѓувладина конференција тогаш е исполнет условот.
„Втората меѓувладина конференција е дел од преговарачката рамка. Во моментот кога завршува скрининг процесот, се прават извештаите и се закажува без никакво одложување втората меѓувладина конференција. До нејзиното одржување треба да бидат направени уставните амандмани, тоа е многу јасно. Нивното стапување на сила значи треба да биде на денот на одржувањето на втората меѓувладина конференција или ден пред тоа, меѓутоа не после тоа“,
рече Ковачевски.
Ковачевски, од Берлин се осврна и на посетата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на Брисел.
„Добро е што тој беше во Брисел и гледам дека по таа посета планот што го изложуваше веќе го нема и сега зборуваат за тоа тие кога ќе дојдат каков план направиле. На граѓаните на Македонија им требаат политичари кои нудат решенија, а не политичари кои наоѓаат мана на се што ќе слушнат. Затоа сметам дека опозицијата треба да се вклучи во овој процес каде ќе се носат одлуки за кои е потребно двотретинско мнозинство без разлика која политичка партија е на власт или во опозиција бидејќи сите 120 пратеници имаат обврска да работат за граѓаните од кои се избрани. Мислам дека нашето собрание има капацитет да донесе таква одлука“,
додаде Ковачевски.
Според Ковачевски, следува период кој дава доволно време предлогот да биде доставен до собранието, таму да се разгледа низ процедура која овозможува демократска дебата за сите и од сите, таква каква што, рече Ковачевски, не беше дозволена при гласањето на европскиот предлог минатата година.
„Се надевам дека опозицијата нема да го реплицира однесувањето од минатата година кога се свиреше со вувузели, се тропаше на маси, се потпишуваа нотарски изјави, се носеа маичи со испишано „не“, се палеше договорот на собраниска говорница, за на крајот на 7 јуни оваа година сето тоа да биде фрлено во вода и ВМРО-ДПМНЕ да каже „да“. Уставните измени се прифатливи, сакаат да влезат во владата на која и го оспоруваа легитимитетот, дека се подготвени во парламентот да гласаат за уставни измени“,
рече Ковачевски.
Откако Владата ќе ја усвои, иницијативата за промена на Уставот потоа ќе биде доставена во парламентот, а за да бидат усвоени потребно е двотретинско мнозинство или најмалку 80 пратеници. Со доставување на амандманите во Собранието почнуваат да течат роковите за отворање на Уставот и спроведување на измените.
Првиот парламентарец Талат Џафери, во вторникот, рече дека Собранието на Република Северна Македонија во секој момент е подготвено да ја почне постапката за уставни измени. Од моментот кога тие ќе бидат доставени до Собранието од предлагачот до моментот на утврдување на потребата за промена на Уставот, потребни се 30 дена. Засега, како што вели Џафери, нема најава кога уставните измени би можеле да влезат во собраниска процедура.
Претседателот на Собранието вели дека пратениците се во постојано заседание така што дури и да треба да се гласа во август за утврдување на потребата за уставни измени, за нив нема да има никаква пречка.
