Епископот Јаков Стобиски вели дека црквата не реагирала и не ги оспорила протестите и маршовите кои се организираат изминативе неколку години, а кои, како што вели, содржат навреди кон црквата и христијанството, но, додава епископот, кога ние решивме да го искористиме демократското право на протест, гледаме разработка на старото добро сценарио каде што агресорот одново се претставува како жртва
На неколку часа пред попладневниот протест на Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), епископот Јаков Стобиски, преку видеообраќање ги повика оние што ќе бидат дел од протестот да останат смирени и да не потпаѓаат на провокации од организации и луѓе кои, како што вели, перманентно и систематски го поткопуваат нашето општество и вредносен систем.

Стобиски вели дека црквата не реагирала и не ги оспорила протестите и маршовите кои се организираат изминативе неколку години, а кои, како што вели, содржат навреди кон црквата и христијанството, но, додава епископот, кога ние решивме да го искористиме демократското право на протест, гледаме разработка на старото добро сценарио каде што агресорот одново се претставува како жртва.
„Токму тоа се повиците коишто ги слушаме од вчера од некои невладини организации дека нашиот собир некого ќе загрози. Не се сомневам дека ќе има обиди на таков начин да се фрли сенка на вистината, со нивните добро познати методи на праќање провокатори“,
рече епископот во видеообраќањето.
Стобиски го повтори ставот на црквата оти собирот не е насочен против никого, освен против предлог-законите за родова еднаквост и за матична евиденција. Оттука, додаде епископот, нејасно е зошто толку се вознемирени овие организации ако законот за родова еднаквост се однесува единствено на мажите и жените, а сепак поголемиот број мажи и жени во земјава не го прифаќаат.
„Имаме должност да останеме смирени и кротки по срце, угледувајќи се на нашиот спасител Исус Христос. Имаме должност на омразата да ѝ вратиме со љубов, на злото со добро, на грдото со убавина – убавината на синот божји оти само таа убавина ќе го спаси светот“,
заклучи епископот Јаков Стобиски.
Изјавата на епископот Стобиски следува откако Хелсиншкиот комитет за човекови права вчера објави низа препораки за припадниците на ЛГБТИ-заедницата бидејќи, како што велат оттаму, загрижени се за нивната безбедност за време на денешниот протест што го организира МПЦ-ОА, како и за денот по него.
Првпат, додаваат оттаму, бараме во текот на утрешниот ден кога ќе се одржи протестот оваа група граѓани да бидат помалку видливи и тивки.
