Откако на новиот помирувач ќе му биде врачено решението, во рок од три дена треба да биде свикан состанок меѓу синдикатот и раководството на УЈП

Синдикатот на Управата за јавни приходи го назначи Илија Манасиев за нов помирувач меѓу нив и раководството на Управата за јавни приходи (УЈП).
Од Синдикатот на УЈП велат дека откако на Манасиев ќе му биде врачено решението, во рок од три дена треба да биде свикан состанок меѓу Синдикатот и раководството на УЈП.
Манасиев е назначен откако претходниот помирувач Лазар Јовевски се откажа поради тоа што бил во странство.
Вработените од Управата за јавни приходи од 15 јуни, секој нареден ден од 10 до 12 часот, штрајкуваат без да ги извршуваат своите обврски од работното место. Тие бараат зголемување на платите за 30 отсто, а доколку не биде исполнето нивното барање најавуваат активирање на одлуката за генерален штрајк.
Оттаму велат дека доколку не се изнајде решение и дојде до генерален штрајк, тоа нема да биде по нивна вина.
За најавите на Синдикатот на УЈП за активирање на генерален штрајк, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи вели дека е оптимист оти со помирувачот ќе се најде решение за вработените во Управата за јавни приходи и се надева оти нема да се реализира најавата за генерален штрајк.
Според Битиќи, дел од решението за вработените во УЈП ќе се разгледува утре кога ќе заседава Економско-социјалниот совет на кој ќе биде разгледан Општиот колективен договор со новата методологија.