За следното проширување мора да се внимава капацитетите за апсорпција, геостратегиската важност и отворените прашања со соседните земји да не се поважни од копенхашките критериуми, вели Маричиќ

Копенхашките критериуми се најдобар начин за реформирање и нека останат единствен услов за напредок кон ЕУ. Копенхашките критериуми се главниот водич кој го имаме во преговорите за пристапување во ЕУ и за трансформацијата на нашите општества, изјави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ кој денеска на покана на министерот за надворешни работи на Кралството Данска и поранешен премиер, Ларс Локе Расмусен, учествуваше на конференцијата по повод 30-годишнината од копенхашките критериуми.
„Копенхашките критериуми се главниот водич кој го имаме во преговорите за пристапување во ЕУ и за трансформацијата на нашите општества. Сметам дека токму Копенхашките критериуми ѝ помогнаа на мојата земја во тешкиот период на политички кризи, од 2014 до 2017 година, бидејќи токму тие критериуми беа вградени во нашиот системот и во нашиот Устав многу повеќе и посуштински од претходно“,
рекол Маричиќ на панелот посветен на земјите кандидатки за членство во ЕУ, нивните предизвици за напредување на евроинтегративниот пат, соопштуваат од Секретаријатот за европски прашања (СЕП).
Според Маричиќ во овој момент треба да се даде значење и да нè интересираат критериумите кои не се дел од оригиналната верзија на копенхашките критериуми, споменувајќи ги капацитетот за апсорпција и важноста на геополитиката. Притоа, вицепремиерот Маричиќ потенцирал дека Западен Балкан сè уште не е дел од ЕУ бидејќи е опкружен од земји на ЕУ и поради тоа што не излегува на Црното Море и не се граничи со Русија.
„Капацитетите за апсорпција, геостратегиската важност и отворените прашања со соседните земји се чини дека се поважни од копенхашките критериуми. Ова е нешто за кое мораме да бидеме искрени и отворени за следното проширување“,
порачал Маричиќ пред поранешни и актуелни дански политичари.
Од СЕП велат дека на панелот на тема „Улогата на копенхашките критериуми во реформските процеси на Западен Балкан“, на кој говорници биле и Тања Мишчевиќ, заменик-министерката на Албанија, Меги Фино и Михаела Матуела, директорката на Генералниот директорат за европска соседска политика и преговори за проширување на Европската Комисија, панелистите се осврнале на улогата на копенхашките критериуми во водењето на ЕУ интеграциски процес од перспектива на земјите од Западен Балкан, со фокус на предизвиците во текот на процес на реализација на реформите, неопходни за исполнување на критериумите од Копенхаген, можностите за напредување и различните сценарија за тоа како најдобро и најбрзо да се стигне до членство во ЕУ, се вели во соопштението од СЕП.
