Под псевдоними, млада транс-жена и геј-маж за „Призма“ ги споделија нивните приказни во пресрет на Парадата на гордоста најавена за викендов во Скопје
Бегајќи од насилството во сопствениот дом, тогаш кога сите други врати им се затвориле, Розалија и Маријан прибежиште нашле во Сигурната куќа за ЛГБТ-лица.
Розалија е гласна транс-жена, во своите 20-ти години, која израснала без мајка и со татко што се откажал од неа. Маријан, пак, е кревок геј-маж во 40-тите, кој поради семејното насилство бил принуден да замине од малиот град каде што пораснал и да се пресели во Скопје.
Нивните приказни, и воопшто потребата од Сигурната куќа се резултат на силниот отпор на општеството кон ЛГБТ луѓето, кој дополнително расте во пресрет на Парадата на гордоста, најавена за викендов во Скопје, пишува „Призма“ во најновата сторија.
Затоа, седнати во удобната дневна соба на Сигурната куќа, скриена од јавноста, двајцата, за порталот, зборуваат под псевдоними. Маријан, бидејќи не сака јавно да се декларира како геј, Розалија, пак, затоа што во личната карта има машко име и презиме, со кое не се идентификува.
„Јас немав каде да се вратам“, го почнува разговорот младата транс-жена, раскажувајќи како останала без покрив над главата откако пред неколку месеци била избркана од станот во кој живеела под кирија. Тогаш по првпат дознала дека постои место што ги прима луѓето како неа, дел од маргинализирана група на која многумина гледаат со омраза.
Животот воопшто не ја штедел. Со насилен татко, во сиромаштија, како нетипично „момче“ трпела долгогодишен булинг. Мала утеха видела кога на 16 години конечно била сместена во дом за деца без родители, но и тоа траело кратко – дошло време да се пресели бидејќи станала полнолетна.
Додека Розалија зборува многу отворено за својот досегашен живот, Маријан слуша и молчи. Тие не се познаваат добро затоа што Маријан е излезен од шелтерот подолго време, но редовно контактира со вработените, кои следат што му се случува во животот. Овој пат е дојден само за да ги посети и да поразговара со нив. Неизмерно им е благодарен затоа што му подале рака откако си заминал од родниот град поради болните семејни драми и насилство, во тешка депресија што траела со години и по врска со партнер, која завршила бидејќи во неа се вмешале родителите.
Целата сторија прочитајте ја ТУКА.
