На прашањето дали очекува и понатаму да го води Министерството за земјоделство по владината реконструкција која премиерот Христијан Мицкоски ја најави за мај или јуни годинава, министерот за земјоделство вели дека премиерот е тој што ќе ја донесе конечната одлука и дека таа ќе биде испочитувана, каква и да е
Со нетрпение го чекам денот кога ќе се одржи собраниската седница за мојата интерпелација бидејќи аргументите се на наша страна – изјави денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, откако опозицискиот СДСМ викендов поднесе интерпелација за неговата работа.

Трипуновски рече дека поднесената интерпелација против него е беспредметна.
„Со нетрпение го чекам денот кога ќе се одржи собраниската седница на која ќе ги соочиме аргументите. Аргументите се на наша страна. Мислам дека имаме многу направено во овие две години во однос на реформите во земјоделството, меѓутоа еве ќе слушнете и во јавноста кога ќе биде самата расправа на интерпелацијата“,
изјави Трипуновски на денешната прес-конференција.
На прашањето дали очекува и понатаму да го води Министерството за земјоделство по владината реконструкција која премиерот Христијан Мицкоски ја најави за мај или јуни годинава, Трипуновски вели дека премиерот е тој што ќе ја донесе конечната одлука и дека таа ќе биде испочитувана, каква и да е.
„Премиерот има полно право да го состави идниот владин кабинет. Неговата одлука е конечна и секогаш се почитувала, така ќе биде и во наредниот период. Финалната одлука ја носи премиерот, тој го составува владиниот кабинет. Каква и да биде неговата одлука, ќе се почитува“,
рече Трипуновски.
Опозицискиот СДСМ викендов поднесе интерпелација за работата на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, обвинувајќи го за корупција, скандали и штетни политики во ресорот.
