Лидерот на опозициската Алтернатива наведува дека од партијата не гледаат причина да се одѕиваат на повиците на власта за уставни измени бидејќи, како што вели, европската интеграција нема смисла ако државата спонзорира корупција
На прашање дали по санкцијата од САД за Мерко, ДУИ на локален план ја губи довербата и во нејзиниот преостанат бастион Струга, откако ја изгуби во Тетово, Гостивар, а со фракционерите од „огнената група” веќе е засегната и во скопски Чаир и Сарај, лидерот на Алтернатива е со оценка дека Демократската унија за интеграција од поодамна ја има изгубено довербата кај албанските гласачи и дека веќе станала кула од карти, која секој ден пропаѓа
Да имавме ние достојни институции за истрага, не ќе требаше Соединетите Американски Држави (САД) да ни покажат кој е корумпиран и кој влијае врз правосудството, вели лидерот на опозициската Алтернатива, Африм Гаши, во интервју за Дојче веле во кое ги анализира одлуките на владејачката ДУИ откако нивниот партиски функционер и градоначалник на Струга, Рамиз Мерко, се најде на американската „црна листа“ поради вмешаност во „значителна корупција“.

По дводневен молк на ДУИ, вчера министерот за надворешни работи и партиски портпарол Бујар Османи соопшти дека Демократската унија за интеграција донела три одлуки по ставањето на Мерко и на неговото семејство на листата на неподобни за влез во САД.
Самиот Мерко не поднесе оставка на функцијата градоначалник, а една од одлуките на неговата партијата е барање до институциите веднаш да започнат со сеопфатна истрага.
„Најпрвин треба да објасниме што се подразбира под поимот ‘сеопфатна истрага од институциите’. Ние знаеме дека кај нас институциите, особено од областа на правото, се заробени токму од ДУИ, за што ние постојано сме повикувале и посочувале, а сме имале забелешки и од американската амбасадорка во Скопје. Затоа кај нас поимот ‘сеопфатна истрага од институциите’ е еуфемизам за одолговлекување, судски лавиринти, застарување дела, саботажа на судски процеси и т.н. За жал, Северна Македонија стана заробена држава на бизнис-кланот на тесното раководството на ДУИ, на кои им успеа да имаат голема сила над институциите, а како што се информираме последните денови, семејствата на (Али) Ахмети и (Артан) Груби влегуваат сега во скапи бизниси на стотици милиони евра, кои сигурно не се постигнати со просечна државна плата“,
вели Гаши за Дојче веле.
Другите две одлуки на ДУИ, да го прифатат барањето на Мерко за замрзнување на неговото членство во раководните органи на партијата и да прекинат со изборната активност во Струга, лидерот на Алтернатива ги оценува како фрлање пепел во очите на јавноста, купување на време, ублажување на угледот на партијата и барање начин на извлекување од калта по одлуката на американскиот Стејт департмент.
Во тој контекст, Гаши наведува дека од партијата не гледаат причина да се одѕиваат на повиците на власта за уставни измени бидејќи, како што вели, европската интеграција нема смисла ако државата спонзорира корупција.
„Албанците имаат една поговорка што гласи вака: ‘За селото што се гледа, не треба докази’. Ако некој уште не ја здогледал оваа ‘дуизација’ на државата, тогаш проблемот не е веќе во ‘селото’, туку во ‘очите’. Токму ваквите примери, кои ние сме ги воочиле од поодамна, иако секогаш одговорот бил ‘да им веруваме на институциите’, беше причина ние да предложиме уставен амандман за борба против корупцијата, со тоа што ќе имаме уставно санкционирање на предметите од политичка корупција, така што тие никогаш не ќе може да застарат, како што се случи со предметот за Сашо Мијалков. Ама, како што јавноста знае, ниту СДСМ ниту ДУИ дури не се произнесоа, а камоли да го прифатат. А како ние можеме да тврдиме дека тежнееме кон ЕУ, ако имаме држава со ваков степен на корупција и интерференција на политиката во правосудството, кое ни го обелоденуваат нашите сојузници, а нашата власт тоа го прекрива и покрива, дури се преправа дека не знаела?! Затоа и ние не гледаме причина да се одѕивамe на нивниот повик за уставни измени кога тие се толку рамнодушни кон една толку важна и чувствителна тема. Европската интеграција нема смисла ако државата спонзорира корупција“,
вели лидерот на Алтернатива.
Тој не очекува дека институциите ќе преземат нешто по одлуката на Стејт департментот и наводите за вмешаност на Мерко во значителна корупција, за кои како што посочија оттаму, а истото го кажа и американската амбасадорка во Скопје Анџела Агелер, се базираат на докази.
„Секако, дека од вакви институции не се очекува ништо повеќе. Ќе глумат неколку дена дека божем се грижат, додека да се стиши јавноста, па ќе продолжат според налогот на нивниот шеф, било да е тој Али Ахмети или Артан Груби. И во минатото сме имале вакви случаи, кои пак завршувале низ судски лавиринти сѐ до нивно застарување. Еве едно контра прашање, кое е најточниот одговор за вашето прашање: Што чекале тие институции за да постапат, ако имале в рака шест предмети против Мерко, и зошто само кога САД изреагира, тие се разбудија?“,
вели Гаши.
На прашањето дали по санкцијата од САД за Мерко, ДУИ на локален план ја губи довербата и во нејзиниот преостанат бастион Струга, откако ја изгуби во Тетово, Гостивар, а со фракционерите од „Огнената група” веќе е засегната и во скопски Чаир и Сарај, лидерот на Алтернатива оценува дека Демократската унија за интеграција од поодамна ја има изгубено довербата кај албанските гласачи.
„Таа партија е веќе кула од карти, која секој ден пропаѓа. Да беа помудри, ќе ги прифатија поранешните порази, ќе одеа во опозиција, ќе се освежеа и можеби ќе се вратеа со нови сили. Но, тие настојуваа да останат на власт по секоја цена, за на крај да мора да ја платат цената на внатрешно уривање и како што се одвиваат работите – можат да завршат и понижени“,
оценува Гаши.
- Стејт департментот: Струшкиот градоначалник Рамиз Мерко неподобен за влез во САД поради вмешаност во значителна корупција
- Агелер по одлуката на САД да го стават Мерко на црна листа: Ќе се бориме против секој кој го поткопува владеењето на правото
- Ковачевски: Правосудните органи ќе треба да ги испитаат наводите за Мерко и да се запрашаат како САД дознале за нив, а тие не
- Грковска очекува од правосудните органи соодветно да ги разберат пораките од САД по ставањето на Мерко на „црна листа“
- Мерко не е последен – на „црната листа“ на САД ќе се најдат имињата и на други лица од С Македонија, вели Агелер
- Судскиот совет влегува во Струшкиот суд, ќе проверува дали Мерко се мешал во судски постапки
- Ковачевски: Јас да се најдам на црната листа на САД, ќе си поднесам оставка бидејќи тоа ќе го сметам за најголем пораз
- Мицкоски: Единствен кој го брани Мерко е Ковачевски, дури и ДУИ молчи
